Ivana Ramadanova
29 Мај 2017•Ажурирај: 30 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Полицијата вчера спречи шверц на осуммина мигранти, од кои четворица се од Индија и исто толку од Пакистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи, полицајците рано утрото во саботата кон неделата, во 03.20 чaсот, во близина на кружниот тек до казино во Гевгелија забележале автомобил „Рено Меган‘‘ со скопски регистарски таблички. Возилото во кое имало повеќе лица, со голема брзина се движело по автопатот во правец на Скопје.
„Полициските службеници тргнале по возилото, кое кај клучката кај село Прдејци излетало од патот. По незгодата, возачот се дал во бегство, а во околината се затекнати осуммина мигранти, од кои четворица од Индија и четворица од Пакистан“, се вели во соопштението на МВР.
По консултација со јавен обвинител, дел од мигрантите се предадени на полициски службеници од ПТЦ Гевгелија за понатамошна постапка, а останатите ќе бидат спроведени во Прифатниот центар за странци ‒ Скопје.
Од МВР велат дека по извршената проверка е утврдено дека регистарските таблички припаѓаат на друго патничко возило. Се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот и за целосно расчистување на случајот.