Edıta Zekjırovıkj
01 Јуни 2022•Ажурирај: 02 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) - Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) потпишаа Меморандум за соработка со цел поддршка во националната борба со дискриминирачкиот говор и другите негативни појави во интернет-просторот, јавува Агенција Анадолија (АА).

Кире Василев, претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), рече дека потребата за соработка со Институтот (ИДУЕП) потекнува од податокот дека во 2022 година Комисијата имала најмногу пријавени претставки за дискриминација во социјалните медиуми.
„Во 2022 година најголем број претставки се во областа на јавното информирање и медиумите. А социјалните мрежи потпаѓаат под оваа област. Вкупно 36 претставки се во оваа област, што значи 37 отсто од вкупниот број претставки. Најмногу претставки добиваме поради дискриминирачки говор на социјалната мрежа Фејсбук“, рече Василев.
Бојан Кордалов, претседател на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), вели дека дискриминирачкиот говор на интернет и другите негативни аспекти во интернет-просторот навистина доминираат.
„Всушност, денеска не постои човек, кој, за жал, не се соочил со каква било дискриминирачка содржина или некаков негативен коментар во интернет-просторот“, вели Кордалов.

Корданов вели дека не треба да се дозволи дискриминирачкиот говор да прерасне во нешто многу поголемо како што е говорот на омраза и да не се дозволи изградба на општество кое не почива на здрави основи.
„Зошто сметаме дека оваа соработка ќе придонесе? Од причина што [Меморандумот] го гледаме како почеток на соработка, односно како нешто што ќе овозможи создавање коалиција од многу организации, од многу институции, медиуми и од многу други чинители кои навистина ќе се ориентираат кон тоа да ја препознаеме негативната страна на дискриминирачкиот однос и содржина на интернет“, вели Кордалов.
Целта е секој да се чувствува комфорно и безбедно во интернет-просторот. Бидејќи интернетот го користат различни категории луѓе, меѓу кои и деца, и никој не заслужува да биде таргет на дискриминација.