Edıta Zekjırovıc
02 Јуни 2022•Ажурирај: 03 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) – Во рамките на проектот „Зачувување на културата кај хрватската заедница и останатите помалубројни заедници во Република Северна Македонија“, во организација на Заедницата на Хрватите во РСМ се одржува регионална конференција насловена „Претставеност на помалубројните заедници на државно и локално ниво“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Конференцијата ја отвори Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, а на Конференцијата присуствуваат Еран Куртиш, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Џабир Доко, заменик-министер кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на РСМ, Н. Е. Нивес Тигањ, амбасадорка на Република Хрватска во РСМ, Невенка Костовска, претседателка на Заедницата на Хрвати во РСМ, Алмир Валији, заменик-министер за регионален развој на Косово, Дуда Баље, пратеничка во Собранието на Косово, Мирза Хајдиновиќ, секретар на Бошњачкиот национален совет на Република Србија и Санела Шкриељ, пратеничка во Собранието на РСМ.
Роберт Алаѓозовски, националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, истакна дека заедниците во Северна Македонија се богатство и дека тие не треба меѓусебно да се развиваат во ривалство, туку дека треба да се развиваат почитувајќи ја различноста и искусувајќи ја културата на другиот.
„Во таа смисла, нашата стратегија која јас ја претставувам како национален координатор за едно општество, има обезбедено многу конкретни активности и политики со цел да ги унапреди правата. Не само за зачувување, туку и за унапредување на културата на заедниците. Јас очекувам дека оваа конференција, меѓу другото, ќе ни даде и низа препораки, ќе донесе многу констатации, ќе најде начини како подобро да ги оствариме правата на помалубројните заедници во нашата земја“, наведе Алаѓозовски.
Н. Е. Нивес Тигањ, амбасадорката на Република Хрватска во РСМ, рече дека соработката помеѓу македонската и хрватската заедница е од големо значење бидејќи придонесува за вкупниот квалитет на билатералните односи.
„Јас би сакала да ѝ се заблагодарам на Владата на Северна Македонија, која, барем од кога сум јас тука, покажа крајна и политичка посветеност, но и финансиска поддршка на заедницата. Во оваа пригода сакам да ве потсетам дека темелот на зачувувањето на наследството на културниот идентитет и на идентитетот на останатите заедници во државата е заедништвото“, рече Тигањ.
Невенка Костовска, претседателката на Заедницата на Хрватите во РСМ, рече дека Конференцијата е од големо значење не само за хрватската заедница, туку и за останатите заедници во Северна Македонија.
„Верувам дека дискусијата ќе биде плодна и конструктивна и дека заклучените препораки со оваа конференција ќе бидат основа за промоција на правата на хрватското, но и на останатите малцинства кои живеат во РСМ“, истакна Костовска.
Еран Куртиш, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, посака успешна конференција на присутните, сметајќи ја за убава можност да се слушнат искуствата од соседните земји и нагласи дека соработката со Заедницата на Хрватите е на високо ниво.
На Конференцијата ќе бидат дискутирани неколку теми, меѓу кои: „Претставеноста на помалубројните заедници во Република Косово“, „Претставеноста на помалубројните заедници во Република Србија“, „Улогата на Хрватскиот светски конгрес во претставеноста на Хрватската заедница во иселеништвото“ и „Модалитети за унапредување на положбата на помалубројните заедници на РСМ“.