Husamedin Gina,Abdula Berisha
10 Ноември 2020•Ажурирај: 11 Ноември 2020
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека на денешниот лидерски Самит за Западен Балкан имале можност да дискутираат за клучните стратешки насоки на регионот, визијата за акцискиот план за заеднички регионален пазар и за зелената агенда за Западен Балкан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Денеска во Софија се одржа лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, на кој оваа година домаќини се Република Бугарија и Република Северна Македонија.
По лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес во Софија, заеднички изјави за медиумите дадоа копретседавачите, премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, заедно со канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, на заедничката прес-конференција истакна дека денешниот Самит е доказ дека регионот силно го прифатил Берлинскиот процес за свој и дека процесот ќе обезбеди извонредна платформа за понатамошно негување на односите меѓу земјите.
„Водечкиот принцип на Берлинскиот процес имаше за цел да обезбеди континуитет на започнатите иницијативи во рамките на процесот и да се фокусира на резултатите со забележливи позитивни ефекти во регионот“, нагласи премиерот Зоран Заев.
Исто така, како што рече премиерот Заев, ја искористиле политичката платформа на овој процес за понатамошно туркање на одредени иницијативи, како што се регионалниот договор за патување со лична карта и проширување на зелените ленти на Западен Балкан кон коридорите на Европската Унија.
„На денешниот состанок имавме можност да дискутираме за клучните стратешки насоки за нашиот регион, визијата за акцискиот план за заеднички регионален пазар и за зелената агенда за Западен Балкан“, додаде Заев.
Заев, исто така, истакна дека дополнително Европската Унија храбро ја потврдила поддршката за Западен Балкан со најавените 9 милијарди евра во грантови, надополнети од новиот инструмент за гаранција за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите за дополнителни 20 милијарди евра.
Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, во својот говор им се заблагодари на сите учесници, поздравувајќи го потпишувањето на Софиската декларација за „зелената агенда“ за Западен Балкан, како и на декларацијата за Акцискиот четиригодишен план за заеднички регионален пазар.
„Зборуваме за население од 20 милиони луѓе на Балканот, затоа сакаме овие луѓе да имаат поголеми примања и сакаме луѓето да продолжат да живеат тука во регионот“, рече Борисов.
- Меркел: „Мора да се согласувате, не заборавајте“ -
Германската канцеларка, Ангела Меркел, им се заблагодари на копретседавачите и упати честитки за напредокот, потсетувајќи дека Самитот се организира во тешки услови поради пандемијата.
„Можам да го претпоставам напредокот што го постигнавте и формирањето на заедничкиот пазар. Ова е важна одредница како порака за нашите економии и воведување на четирите слободи, и ова ќе даде еден импулс којшто ќе биде поволен како за народите во регионот, така и за фирмите во него“, рече Меркел.
Германската канцеларка, исто така, го поздрави постигнатиот договор за „зелената агенда“, што ќе овозможи премин кон економија без јаглероден диоксид.
Таа рече дека Берлинскиот процес секогаш е поврзан со помирување и изрази надеж дека овој процес ќе продолжи. „За регионот, она што морам да го кажам, мора да се согласувате, не заборавајте“, додаде Меркел.
Таа ги покани сите учесници следната година во Берлин, изразувајќи надеж дека до следното лето ќе биде овозможено одржување самит со физичко присуство.
Берлинскиот процес е политичко-дипломатска иницијатива што е започната во август 2014 година од страна на германската канцеларка Ангела Меркел.
Учесници во процесот се земјите од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, а коспонзори и поддржувачи се неколку земји членки на ЕУ, како Германија, Франција, Австрија, Италија, Велика Британија, Полска, Грција, Хрватска, Словенија и Бугарија.