Alma Dekovic
12 Септември 2022•Ажурирај: 13 Септември 2022
БРДО КАЈ КРАЊ (АА) - Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денес во Брдо кај Крањ во Словенија изјави дека постои длабока резерва и предрасуди во западниот дел на Европската Унија (ЕУ) кон членството на земјите од Западен Балкан во блокот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Милановиќ го изјави тоа на заедничката прес-конференција со копретседавачот на состанокот, словенечкиот претседател Борут Пахор по 11. самит на лидерите на Процесот Брдо - Бриони, на кој повторно го потврдија значењето на проширувањето на ЕУ како геополитичко прашање.
Хрватскиот претседател Милановиќ истакна дека во западниот дел на европскиот блок постојат длабоки предрасуди кон земјите кандидати за членство во ЕУ и оние, како Босна и Херцеговина, кои сè уште го чекаат тој статус.
„Ќе направат многу за да го опструираат тоа. Дали навистина ќе го опструираат, не знам. За мене доволен показател беше ситуацијата од јуни оваа година со Европскиот совет, кога Украина доби кандидатски статус, а БиХ не. Го сметам тоа за морален ужас“, рече Милановиќ.
Додаде дека доколку бил на позицијата хрватски претставник во Европскиот совет ќе го условел доделувањето статус на Украина со истовремено доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина.
„Не за да ѝ направам штета на Украина, бидејќи тоа нема многу да ѝ помогне, како ни на БиХ, бидејќи тоа прашање е повеќе симболично, но покажува одреден однос, став дека Украина може, а БиХ не може“, рече хрватскиот претседател и додаде:
„Организација која на таков начин ја води својата надворешна, регионална политика не е на вистинскиот пат.“