AA
20 Март 2023•Ажурирај: 21 Март 2023
ПОДГОРИЦА (АА) - Претседателскиот кандидат на Движењето „Европа сега“, Јаков Милатовиќ, кој освои 29,2 отсто од гласовите на синоќа одржаните претседателски избори во Црна Гора, изјави дека неговиот резултат е победа на цела Црна Гора. Милатовиќ нагласи дека синоќешниот резултат ќе се потврди и за 14 дена, кога ќе се одржи вториот круг избори, на кои противкандидат ќе му биде актуелниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, известува Анадолу.
„Ова е победа на сите оние кои факелот на слободата го носеа 30 години, оние кои беа дискриминирани, чии деца бараа подобра иднина, кои беа сиромашни. Ова е победа на порамноправна и пофер Црна Гора“, рече Милатовиќ.
Им се заблагодари на сите партии и листи кои го поддржаа и нагласи дека ова е „победа на цела Црна Гора, победа која ја чекаа генерации и генерации“.
Според неговите зборови, на 2 април ќе го прати Мило Ѓукановиќ во „политичка пензија“.
Милатовиќ им се заблагодари и на медиумите, интелектуалците и граѓанските активисти кои посакуваат и подобра и поправедна Црна Гора и истакна дека очекува уште посилна поддршка во вториот изборен круг.