Admir Fazlagic
23 Април 2020•Ажурирај: 24 Април 2020
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Никола Димитров учествуваше на он-лајн видео конференција во ко-организација на Економскиот форум во Делфи и Атлантскиот совет, насловена „Дипломатија во кризни времиња и други алатки за влијание во Југоисточна Европа во доба на КОВИД-19“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшто Министерството за надворешни работи на Северна Македонија „министерот Димитров во своето воведно излагање се осврна на влијанието и значењето на пристапувањето на Северна Македонија во НАТО Алијансата, како и одлуката на Советот на ЕУ за почеток на пристапни преговори со земјава, историски заеднички успеси што се постигнаа во тешки моменти за сите земји, со што се даде силна и кредибилна порака за европската перспектива на Регионот, но и за вистинската сила и способност на двете организации да се прилагодат на новосоздадените услови и да донесат и други значајни стратешки одлуки."
„Овие два историски и долгоочекувани исчекори - членството во НАТО и одлуката за почеток на пристапни преговори со ЕУ претставуваа зраци на светлина и надеж за нас, за регионот, во еден исклучително тежок период за целиот свет. Претставуваа и симбол за моќта на двете организации да носат стратешки важни и визионерски одлуки во кризни времиња. Покрај одредени перцепции, креирани пред сè од несоодветно информирање, овој Регион се движи непоколебливо кон ЕУ и скоро сите земји од Западен Балкан кон НАТО Алијансата", истакна министерот Димитров и додаде:
„Благодарни сме за досегашната поддршка, која се надеваме ќе продолжи и во идното справување со последиците од овој заеднички непријател. Неопходно е координирано заедничко дејствување во духот на вистинска солидарност и отворена соработка меѓу земјите, како побргу би излегле од тунелот.“
Меѓу панелистите беа разменети мислења за различните начини на соработка за надминување на пандемијата и последиците од истата, особено во научната и економската сфера, за мерките кои земјите од ЈИЕ ги преземаат, за помошта од страна на земјите членки на НАТО и ЕУ.
„Фокус беше ставен и на предизвиците поврзани со различните влијанија, меката моќ на глобалните сили, како и различните наративи и дезинформации поврзани со справување со пандемијата и помошта и меѓународната соработка", се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.