Abdula Berisha
29 Ноември 2021•Ажурирај: 30 Ноември 2021
СКОПЈЕ
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, рече дека тројца од повредените пациенти во автобуската несреќа во Бугарија денес ќе пристигнат во Скопје, додавајќи дека двајцата пациенти што пред неколку дена беа примени на Клиниката за пластична хирургија се пуштаат на домашно лекување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Филипче на прес-конференција информираше за состојбата на седумте преживеани од трагичната несреќа на автобусот со скопски регистерски таблички што се случи на 23 ноември кај селото Боснек во близина на градот Перник во Бугарија, при што животот го загубија 45 лица.
„Прво да кажам дека двајцата пациенти коишто се хоспитализирани на Клиниката за пластична хирургија денес ќе бидат испишани на домашно лекување. Тие се во добра здравствена состојба, ќе продолжи третманот во делот на психолошката поддршка, тука направивме контакт со нашите психијатри, односно психолози“, рече Филипче.
Повредените лица првично беа примени во болницата „Пирогов“ во Софија, а Министерството за здравство на Северна Македонија презеде обврска да им обезбеди транспорт до Северна Македонија и понатамошна здравствена грижа.
„Денеска ќе стигнат уште тројца пациенти. Едниот е веќе тргнат, другите двајца ќе тргнат во попладневните часови. Ќе стигнат покасно вечерва, и веројатно тројцата ќе бидат иницијално задржани повторно на Клиниката за пластична хирургија“, рече Филипче.
Министерот исто така информираше дека сите повредени што сѐ уште се наоѓаат во Бугарија се чувствуваат добро, во можност се да го издржат транспортот, вклучувајќи и еден пациент кој е опериран, за кого Филипче рече дека веќе може да станува и почнува да оди.