Besar Ademi
02 Март 2017•Ажурирај: 03 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, по средбите одржани во текот на посетата на Македонија, рече дека целта на посетата е да се пренесе пораката дека ЕУ е ангажирана за европската интеграција на земјата, но и на целиот регион, јавува Anadolu Agency (AA).
Високиот претставник на ЕУ рече дека им останува на лидерите на Македонија да одлучат дали сакаат уште да губат време или да се движат напред, бидејќи според неа, ЕУ е подготвена да се придвижи напред на патот на европската интеграција на земјата.
Могерини зборуваше и за одбивањето на претседателот Ѓорге Иванов да му го даде мандатот за формирање на нова влада на лидерот кој докажа дека поседува парламентарно мнозинство, истакнувајќи дека побарала од претседателот „да ја промени одлуката во интерес на сите граѓани и оваа земја, и да го почитуваат уставот на земјата, според кој мандатот и припаѓа на партијата која има парламентарно мнозинство“.
„Верувам дека би било невозможно за било кого да убеди некого во демократскиот свет дека на поголемиот дел од членовите на Парламентот кои го претставуваат мнозинството од граѓаните во една унитарна држава не им е дозволено да формираат Влада. Ова го нарушува духот на демократијата и е не е во согласност со основните демократски принципи, како и со процесот на евро-атлантската интеграција, кој се смета за приоритет од страна на сите лидери на политичките партии, вклучително и од претседателот, но убедена сум дека тоа е приоритет и за сите граѓани на земјата“, рече Могерини.
Могерини истакна дека нејзината посета се случува во едно навистина комплексно време со политиката и кризната состојба во државата, и рече дека целта не е ЕУ да и покаже на земјата како да се реши кризата, туку дека целта на посетата е да покаже дека се грижи за оваа држава и граѓаните на оваа земја.
„Сите политички лидери и оние кои имаат институционална одговорност треба да се воздржат и да ги избегнат различните реторики, за да оваа политичка и институционална криза не стане етнички конфликт или уште полошо геополитички конфликт. Ова е комплексна земја во комплексен регион и живееме во комплексно време. Ние немаме потреба од бензин, бидејќи веќе имаме доволно оган“, изјави високиот претставник на ЕУ, Федерика Могерини.
Могерини изјави дека нејзините средби во Македонија, особено со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, беа многу важни, и рече дека во наредните денови ќе се види колку овие средби биле конструктивни. Таа додаде дека европската интеграција е надежта и очекувањето на граѓаните од овој регион.
„Ние сме многу сериозни во врска со тоа и нашаите врати се целосно отворени. Сакаме ова земја да биде и членка на Европската унија. Ова е причината за моето доаѓање денес. Сепак, не само за земјата, туку и за целиот регион. Ова е наш интерес, но е и интерес и на сите граѓани од овој регион“, посочи Могерини.
Могерини доаѓа во Македонија по средбите што ги имаше во Подгорица во рамките на својата балканска турнеја. Таа оствари средби со претставници на невладини организации, со лидерите на политичките претставници партии претставени во Собранието Македонија, како и со претседателот Ѓорге Иванов.
Високиот претставник на ЕУ се очекуваше да ја посети и Босна и Херцеговина, но таму не отпатува поради маглата на аеродромот во Сараево. Како што е најавено, утре Могерини ќе оди во Белград, каде што ќе се сретне со српскиот претседател Томислав Николиќ, премиерот Александар Вучиќ и другите политички лидери. Истиот ден, исто така, таа ќе ја посети Албанија, каде ќе се сретне со албанскиот претседател Бујар Нишани, премиерот Еди Рама, и други претставници на парламентарните партии.
Во сабота, Федерика Могерини ќе престојува во Косово, каде што во Приштина ќе се сретне со претседателот на Косово, Хашим Тачи, премиерот Иса Мустафа и со други политички претставници, а, исто така, ќе ја посети и Митровица.
По посетата на Западен Балкан, Федерика Могерини се очекува да подготви извештај за состојбата во регионот, кој потоа ќе биде разгледан во Советот за надворешни работи на ЕУ, а тоа ќе биде и тема на самитот на Советот закажан за 9 и 10 март.