Adel Omeragic
05 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - Борбените авиони на воздухопловните сили на Италија и Грција, во соработка со Воздухопловството на Војската на Црна Гора, од денес го штитат црногорскиот воздушен простор. По повод заштитата на воздушниот простор на Црна Гора, на денот на првата годишнина од членството на земјата во НАТО, организирана е показна вежба на слетување на „летало-натрапник“, јавува Anadolu Agency (AA).
Црна Гора на НАТО-сојузот се придружи во јуни минатата година, а со оглед на тоа дека нема борбени авиони, сојузниците ќе ѝ помогнат да го обезбедува воздушниот простор.
Улогата на „летало-натрапник“, кое денес е пресретнато, ја имаше авион на Владата на Црна Гора, а во него беше и министерот за одбрана, Предраг Бошковиќ, како и претставникот на НАТО. Показната вежба е успешно завршена.
По показната вежба, Бошковиќ изјави дека од денес црногорското небо и море се заштитени.
„Она што денес го видовме е само еден мал дел од бенефитите кои Црна Гора ги има од членството во НАТО. Она што е најважно е дека ова е показател дека исправноста на одлуките и политиките кои ги донесовме, ни дава за право да кажеме дека денес сме сигурни, побезбедни и дека нашите граници, небо или море се заштитени од ненамерните или намерните злоупотреби на тој простор“, изјави Бошковиќ.
Тој се заблагодари на Италија и Грција, кои во рамките на „air policing“ го штитат црногорскиот воздушен простор.
Бригадниот генерал на НАТО, Роберто ди Марко изјави дека НАТО-мисијата значи заштита на воздушниот простор 24 часа дневно. Тоа е, како што наведе, пример за колективна одбрана која е во срцето на основачкиот Договор со НАТО.
„Принципот на мисијата на НАТО за заштита на воздушниот простор се применува за сите нови членки, а ние денес го одбележуваме официјалниот почеток на една од овие мисии во Црна Гора. Еден за сите, сите за еден. Црна Гора, како и 28 други сојузници претходно, ќе го искуси денес што значи тоа. Група од заеднички вредности, посветеност на заедничката безбедност и одлука за заедничко одвраќање“, изјави Ди Марко.
Соработката на сојузниците во заштитата на воздушниот простор на членките на Алијансата без сопствени капацитети за заштита, која започна во 1961 година, вклучува заштита на воздушниот простор на Исланд и Луксембург, а од 2004 година и на Естонија, Летонија и Литванија, во која досега учествуваа воздухопловствата на 14 земји сојузници, како и на Словенија, чиј воздушен простор го штитат леталата на Италија и Унгарија.
Од 2009 година авионите на Италија и Грција го штитат воздушниот простор на Албанија, а од денес го штитат и воздушниот простор на Црна Гора.