Agim Sulaj
20 Април 2026•Ажурирај: 20 Април 2026
Премиерот на Косово, истовремено и претседател на Движењето „Самоопределување“ (ЛВВ), Албин Курти, изјави дека средбата со претседателот на Демократската лига на Косово (ЛДК), Лумир Абдиџику, завршила без договор и дека земјата оди кон нови избори, кои тој ги оцени како непотребни, јавува Анадолу.
Курти по средбата, што траеше околу еден час во просториите на Собранието, изјави дека Абдиџику ги одбил сите понуди од ЛВВ за политички договор и заедничко владеење, со цел избор на претседател.
„Понудивме ЛДК во коалиција со ЛВВ и други партнери да има заменик-премиер, Министерството за надворешни работи и уште три други министерства. Преферирав мој заменик-премиер да стане Абдиџику и да започнеме ново поглавје“, изјави Курти.
Тој додаде дека е понудена и опција ЛДК да го преземе раководењето со Собранието преку „рокада“, додека ЛВВ да го задржи кандидатот за претседател, но и тоа, според него, не било прифатено.
„На овој начин Косово оди кон нови избори, непотребни, кои губат време на државата и буџетски средства. Најмалку 1 милион евра чинат новите избори и нема да донесат решение бидејќи нема да го имаме бројот од 80 пратеници за кворум. Требаше да се обидеме повеќе и не требаше да биде одбиена нашата понуда за владеење“, изјави Курти, додавајќи дека не инсистирале по секоја цена на одредено име за претседател и дека биле подготвени за консензуален кандидат.
- „Се договоривме повеќе да не се среќаваме“ -
Од друга страна, претседателот на ЛДК, Абдиџику, потврди дека средбата завршила без резултат и дека страните се договориле повеќе да не се среќаваат по ова прашање.
Тој изјави дека за време на разговорите на ЛДК ѝ биле понудени функцијата заменик-премиер и четири министерства или функцијата претседател на Собранието, но тоа, според него, не биле прифатено бидејќи не претставува поделба на власта.
„Ќе се подготвиме за најлошото, најтешкото и најнеразбирливото сценарио на нови и вонредни избори. Од почеток принципите беа јасни, претседателот на Косово не може да биде продолжена рака на Владата. Не може да има влада која има претседател од една партија и така да ги држи трите институции... Се обидов, пробав, не успеав и сега се враќаме во ЛДК“, изјави Абдиџику.
Тој нагласи дека ЛВВ инсистирало функцијата претседател да остане на оваа партија и дека во разговорите со ЛДК бил споменат само еден кандидат за таа позиција.
„Се договоривме повеќе да не се среќаваме. Не слушнавме ниту еден друг предлог освен претседателот да биде од ЛВВ. Со ЛДК не беше дискутирано ниту едно име освен Коњуфца“, изјави Абдиџику, додавајќи дека неговата партија го смета ова прашање за затворено.
Абдиџику истакна и дека името на Вјоса Османи не било споменато на средбата, но додаде дека во иднина има намера за приближување со неа.
Денешната средба беше петта по ред меѓу Курти и Абдиџику за изнаоѓање решение околу изборот на претседателот.
Според рокот утврден од Уставниот суд, остануваат уште осум дена за завршување на процесот, во спротивно земјата оди на нови избори во рок од 45 дена.