САРАЕВО (АА) - По повод 6 април - Денот на градот Сараево, во присуство на голем број официјални претставници, во Сараево денес е свечено отворен музејот „Валтер го брани Сараево“, прв филмски музеј на Балканот, посветен на истоимениот култен филм во режија на еден од најголемите бошњачко-херцоговски филмски автори, Хајрудин Шибе Крвавац, снимен во далечната 1972 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за мултимедијален музеј и проект кој го започна екипата на Филмскиот центар Сараево, на чело со директорот на оваа установа, наградуваниот босанско-херцеговски режисер, сценарист и продуцент Јасмин Дураковиќ.
На свеченоста во Сараево присуствуваа премиерот на Владата на БиХ, Фадил Новалиќ; градоначалникот на Сараево, Абдулах Скака; министерот за култура и спорт на кантонот Сараево, Мирвад Куриќ; директорот на Туристичката заедница КС, Нермин Музур; потоа Ешрефа Крвавац, сопругата на Хајрудин Шибе Крвавац; Лула Живојиновиќ, сопругата на Бата Живојиновиќ кој ја толкуваше главната ролја во филмот; неговата ќерка Јелена Живојиновиќ; бројни режисери, актери, филмски работници и гости.
Пред зградата на музејот во Сараево, каде што владееше празнична атмосфера, минувачите можеа да ги чујат познатите дијалози од филмот „Валтер го брани Сараево“, како и од другите култни филмови на Шибе Крвавац. Можеше да се чуе и култната музика од филмот, која ја компонираше познатиот словенечки композитор Бојан Адамич. Накратко, се укажуваше, како што тоа го кажаа многумина, дека Валтер се вратил дома, во Сараево.
Директорот на Филмскиот центар Сараево, Јасмин Дураковиќ, во своето обраќање им се заблагодари на сите оние кои ја дале својата поддршка во реализацијата на овој музеј.
„Секако, најголема благодарност заслужуваат оние кои го направија овој филм, Хајрудин Шибе Крвавац, актерите во филмот, филмските работници, без кои не би постоела оваа приказна. Тоа се луѓето кои оставија трага во ова дело. Ви се заблагодарувам на сите за поддршката“, рече Дураковиќ.
Премиерот на Федерацијата БиХ, Фадил Новалиќ, рече дека се работи за еден многу специфичен музеј, прв од таков вид, не само во БиХ, туку и во регионот.
„Музејот „Валтер го брани Сараево“ е посветен на култното остварување на босанско-херцеговската кинематографија, на режисерот Хајрудин Шибе Крвавац. Но овој музеј е многу повеќе од тоа. Музејот му е посветен на филмот и на историскиот лик Владимир Периќ Валтер, познатиот припадник на отпорот и антифашист од Втората светска војна“, рече Новалиќ, и додаде:
„Секако дека филмската уметност и креативната индустрија се гордост на оваа земја. Го покажавме тоа во минатото, а го покажуваме и денес. Музејот „Валтер го брани Сараево“ може да биде пример како културното наследство има туристички и економски потенцијал. Тоа е патот по кој треба да одиме, спојувајќи ја културата со другите креативни индустрии и економски активности.“
Лула Живојиновиќ, сопругата на српскиот глумец Бата Живојиновиќ, рече дека е среќна што денес се наоѓа во Сараево, на денот кога се отвора единствениот музеј посветен на филмот „Валтер го брани Сараево“, единствен во целиот свет.
„Филмот веќе 47 години го обиколува светот, а сметам дека најголема заслуга за тоа има еден човек, а тоа е Хајрудин Шибе Крвавац, прекрасен човек и генијален режисер. По 47 години пат по светот, филмот се врати дома“, рече Лула Живојиновиќ.
Сопругата и ќерката на Бата Живојиновиќ на музејот му го подарија часовникот што Бата Живојиновиќ го добил на дар од Република Кина при неговата посета на Пекинг, за време на премиерното прикажување на филот во таа земја.
На прашањето на новинарите, колку на Бата Живојиновиќ му била значајна улогата на Валтер во неговата кариера, таа одговори: „Филмот „Валтер“ имаше посебно место во срцето на Бата. Тука се измешани многу емоции, големо пријателство со Шибе, неговата сопруга. Многу се гордееше со таа улога.“
Ешрефа Крвавац, сопругата на Хајрудин Крвавац, исто така, не криејќи го задоволството поради отворањето на музејот, изјави:
„Многу ми значи, воодушевена сум. Кога вчера влегов тука, на момент се почувствував како да не сум тука, како да лебдам. Ми се измешаа емоциите. Ова е нешто што многу ми значи мене, на кинематографијата, на Сараево и се разбира на Босна и Херцеговина. Тоа е многу важно.“
Посебна атракција во музејот ќе бидат ликовите на режисерот Хајрудин Шибе Крвавац и главните ликови од неговите филмови реалистички изработени во природна големина и во костими од времето кога се снимани филмовите.