Admir Fazlagic
06 Април 2019•Ажурирај: 07 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во Градскиот парк во Скопје се одржа НАТО – Атлетска трка, организирана од Министерството за одбрана, Армијата, Евроатлантскиот совет и Атлетската федерација, по повод Неделата на НАТО и 70. годишнина од основањето на Алијансата, јавува Anadolu Agency (AA).
Повеќе од 270 натпреварувачи трчаа на патеките од три и од пет километри. Најдобрите тројца учесници од трката на 3 и од трката на 5 километри ќе бидат наградени со учество на меѓународен маратон надвор од државата.
Заедно со граѓаните, на трката учествуваше и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Васко Ѓурчиновски, евроамбасадорот Самуел Жбогар, шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје, полковникот Јанковиќ, припадници на Армијата и Министерството за одбрана.
„Денеска и симболично покажавме дека сиве овие години трчавме кон нашата заедничка цел – а тоа е НАТО-членството и таа трка, за жал беше потешка од денешната. Таа траеше подолго време и бараше многу напори и одрекување. Меѓутоа, нашата држава стигна до целта. Покажавме сите дека сме обединети во желбата нашата земја да стане подобра, да стане побезбедна, да стане попросперитетна. Затоа, трчавме кон НАТО и поради големиот напор и големата енергија, успеавме во оваа цел“, рече министерката Шекеринска.
Трката ја отвори шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, Зоран Јанковиќ, кој изрази убедување дека Република Северна Македонија наскоро ќе биде 30. земја членка на Алијансата.
Победниците ќе бидат прогласени на утрешниот отворен ден на Армијата, во Градскиот парк во Скопје.