Admir Fazlagic
29 Април 2017•Ажурирај: 30 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денеска соопшти дека е во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи (МВР) во врска со идентификација на учесниците во нередите кои се случија во Собранието на Република Македонија. До овој момент не е поставена правна квалификација на извршените кривични дела, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на ОЈО, објавено на нивната веб-страница стои дека дежурните јавни обвинители редовно се известувани за текот на настаните и даваат насоки за натамошното постапување на полицијата. Како што наведуваат, при прием на информации,согласно на поединечните настани, се преземаат конкретни мерки и дејствија.
„Поради обемноста во постапувањето на обвинителството до овој момент се вклучени шест јавни обвинители, но согласно потребите бројката на вклучени јавни обвинители се очекува да се зголеми, а се во насока на брзо и ефикасно расветлување на овие кривично правни настани", се вели во соопштението.
До овој момент, информираат од ОЈО, не е поставена правна квалификација на извршените кривични дела.
„Поставувањето на конкретната правна квалификација за секое лице за кое ќе се утврди дека сторило кривично дело ќе биде сторено откако ќе се собере потребниот доказен материјал одделно за секое лице инволвирано во кривично правните настани и по утврдување на фактите. Оттука ја известуваме јавноста дека ОЈО Скопје нема направено никаква преквалификација на кое било кривично дело и дека досега објавените информации во дел од медиумите се шпекулација", се наведува во соопштението.
Од ОЈО посочуваат дека бројот на лицата лишени од слобода, конкретните дејствија на истражните органи, како и натамошните дејствија кои ќе бидат преземени, јавното обвинителство ќе и ги соопшти на јавноста кога ќе се создадат услови за тоа и откако надлежните јавни обвинители ќе завршат со првично утврдување на фактите.
Министерството за внатрешни работи на Република Македонија денеска вчера одржа прес-конференција на која ги соопшти деталите и билансот на повредени лица во синоќешните инциденти во Собранието. Од МВР информираа дека досега се приведени 8 лица, а 83 лица побарале медицинска помош.
Во хаотична атмосфера во Собранието, парламентарното мнозинство го избра пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на Собранието. Потоа следуваа инциденти пред Собранието и внатре во Собранието, кога насилно во Собранието влегоа дел од собраните граѓани кои протестираа пред зградата на Собранието.