Admir Fazlagic
01 Мај 2017•Ажурирај: 01 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во текот на вчерашниот ден во Основниот суд Скопје 1 - Скопје пред судија на претходна постапка беа спроведени седум лица за кои судот по ценење на предлогот на Основното јавно обвнителство го прифати предлогот и на четири лица им определи мерка притвор, на едно лице му определи мерка куќен притвор и на две лица мерки на претпазливост, соопштија од Основниот суд Скопје 1 – Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од судот, предлогот се однесува на кривичното дело - Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие од член 384 став 1 од Кривичниот законик за кое е предвидена казна од една до пет години согласно законот, а со оглед на тоа што се работи за скратена постапка по новиот закон за кривична постапка во претходна постапка притворот може да трае најмногу до осум дена.
Основното јавно обвинителство – Скопје (ОЈО), по прибирање на релевантен доказен материјал, за петнаесеттемина инволвирани во нередите кај Собранието на Република Македонија првично започна постапка поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело – Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие од член 384 од Кривичниот законик.
Оттаму соопштија дека седум лица се притворени.
Министерството за внатрешни работи на Република Македонија вчера соопшти дека до Основното јавно обвинителство - Скопје поднесе кривична пријава против 15 лица поради нивна инволвираност во насилните настани кои се случија во четвртоток во и околу Собранието на Република Македонија, од кои петмина беа приведени.
Потсетуваме, во четврток, на 27. април, во хаотична атмосфера во Собранието, парламентарното мнозинство го избра пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на Собранието. Потоа следуваа инциденти пред Собранието и внатре во Собранието, кога насилно во Собранието влегоа дел од собраните граѓани кои протестираа пред зградата на Собранието. Во настаните се повредени околу 100 луѓе, меѓу кои имаше пратеници, полиција и припадници на медиумите.