Agim Sulaj
23 Февруари 2023•Ажурирај: 24 Февруари 2023
ПРИШТИНА (АА) - Парламентот на Косово одобри три меѓународни договори потпишани во рамките на Берлинскиот процес на 3 ноември 2022 година, јавува Анадолу.
Пратениците со мнозинство гласови го изгласаа Предлог-законот за ратификација на Договорот за слободно движење со лични карти на Западен Балкан, Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и Договорот за признавање на професионални квалификации на лекари, стоматолози и архитекти во контекст на Договорот за централноевропска слободна трговија.
Премиерот на Косово, Албин Курти, на пратениците им порача дека Берлинскиот процес е обновен под раководство на германскиот канцелар Олаф Шолц и на 3 ноември 2022 година се потпишани три договори од страна на шестмина премиери.
Курти нагласи дека во трите договори што произлегоа од Берлинскиот процес во 2022 година, договорот што зазема најмногу место во јавното мислење е оној за движење само со лични карти во соседните земји, вклучително и во Босна и Херцеговина со која, како што рече Курти, имаат отежнати односи поради ветото на Република Српска.
„Но, премиерот на Босна и Херцеговина или шефот на Владата каков што е таму, кој е од српската заедница, на 3 ноември во Берлин исто така потпиша, што нѐ прави оптимисти дека овој договор ќе може да се ратификува и во Босна и Херцеговина, поминувајќи како предлог-закон и конечно да се овозможи движење на граѓаните од Република Косово во Босна и Херцеговина и обратно, само со лични карти“, додаде Курти.
Тој рече дека ратификацијата на договорот од босанската страна ќе ги натера Приштина и Сараево да создадат нов институционален, но и граѓански мост, на кој долго се чека.
Договорот за движење само со лични карти меѓу косовските и босанските државјани го одобри Владата на Косово на 8 февруари, а денеска ќе се гласа во Владата на Босна и Херцеговина. Граѓаните на БиХ, која сѐ уште не ја признава независноста на Косово, како и косовските граѓани, досега мораа да добијат виза за патување во соседната земја.