Husamedin Gina
02 Декември 2019•Ажурирај: 03 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод 3 Декември - Меѓународниот ден на лицата со попреченост, денес го посети Домот за слепи лица во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Пендаровски, поставувајќи го прашањето дали попреченоста е причина за правење разлика меѓу луѓето, рече дека попреченоста не е основа за разлики, туку е основа за сличности.
Во своето обраќање, Пендаровски наместо на пречките кај луѓето се осврна на пречките што постојат во општеството, како што се пристапот за инвалидски колички, патеките за лица со оштетен вид и литературата со Брајово писмо.
Нагласувајќи дека секој обид за дискриминација на лицата со попреченост е нарушување на вроденото достоинство на човековата личност, претседателот Пендаровски рече: „Ако сакаме да ја изградиме нашата земја како напредна европска држава, сите ние треба да работиме заеднички, кога секој од нас би го дал најдоброто од себеси, од своите таленти, дар и вештина, тогаш ќе живееме во похумано општество. Тогаш една по една ќе ги надминуваме сите пречки што постојат во нашето општество со цел ваша целосна вклученост во него.“
Тој, наведувајќи дека Меѓународниот ден на лицата со попреченост ќе го одбележат со партија шах, рече дека шахот е способност за носење вистински одлуки и повлекување вистински потези за решавање на сложени прашања, нешто слично како во политиката, носење мудри одлуки за решавање на проблемите на граѓаните.
„Лицата со попреченост треба да бидат вклучени во одлуките што се носат за нив“, рече Пендаровски и додаде дека како претседател, и пред сè како човек чувствува должност да направи сè што е во рамките на должноста за да им помогне на лицата со попреченост.
Жарко Селковски, претседател на Националниот сојуз на слепи, истакнувајќи дека стекнувањето нови пријатели е најголемото богатство на човекот, рече дека со денешната шаховска игра децата со попреченост ќе можат да се запознаат со врсниците од другите училишта.
Настанот во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје, „Преку игра до пријателство“, се организира за првпат и е со поддршка на претседателот на Северна Македонија.
Вкупно 16 деца со оштетен вид со децата од редовните училишта од Општина Кисела Вода и од Приватното училиште НОВА се натпреваруваа во шах.
Секоја година на 3 декември се одбележува Меѓународниот ден на лица со попреченост. Според Светска банка, една милијарда луѓе или 15 отсто од светската популација се соочуваат со одреден степен на попреченост.
Мотото на годинашното одбележување на овој ден е „Промоција на учество на лицата со попречености и нивно лидерство“.