Fatjon Cuka
02 Декември 2019•Ажурирај: 03 Декември 2019
ТИРАНА (АА) - Под раководство на албанскиот претседател, Илир Мета, во Тирана се одржа состанок на Советот за национална безбедност, кој се фокусираше на вонредната состојба по земјотресот од 26 ноември, во кој загинаа десетици луѓе, а стотици беа повредени, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Да ги обезбедиме домашните ресурси и потребната меѓународна поддршка за надминување на тешките последици од овој ужасен земјотрес“, напиша Мета на социјалните мрежи по седницата на Советот, одржана без присуство на медиумите.
„Денес на состанокот на Советот за национална безбедност разговаравме за поблиска соработка и координација помеѓу сите институции за справување со итната состојба сè додека не се врати состојбата во нормала. Ние го поддржавме Обвинителството за да ги интензивира истрагите и да ги стави пред кривична одговорност сите што ќе произлезат како одговорни“, напиша Мета.
На состанокот присуствуваа и премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателот на Собранието, Грамоз Ручи, министерката за одбрана, Олта Џачка, министерот за внатрешни работи, Сандер Лешај, други министри од Кабинетот, челници на Албанските вооружени сили, полициски челници и претставници на други институции.
Во меѓувреме, поради состојбата, во Драч, Тирана и Лежа моментално е прекината наставата.
Потсетуваме, во земјотресот што ја погоди Албанија на 26 ноември загинаа 51 лице, а стотици беа повредени. Земјотресот беше со јачина од 6,3 степени.