Husamedin Gina
26 Мај 2021•Ажурирано: 27 Мај 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, пред заедничкото патување со бугарскиот колега, Румен Радев, во Ватикан, истакна дека е потребно да се направи обнова на довербата со Бугарија и како пријатели да разговараат и за најтешките прашања што во моментов ги разделуваат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, и неговиот бугарски колега, претседателот Румен Радев, одржаа средба на Меѓународниот скопски аеродром, од каде што заеднички отпатуваа за Рим за чествување на светите Кирил и Методиј.
По средбата, двајцата претседатели дадоа изјава за медиумите.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека на кратката средба разговарале за тоа што се случувало последниве два-три дена во Брисел.
„Ова беше само воведен разговор, сосема кратка средба. Ќе имаме прилики и во Рим, можеби и на враќање да поразговараме дополнително. Немаме никаков исход од овој разговор, бидејќи беше пријателско пиење кафе и само разговори за тоа што се случуваше последниве два-три дена во Брисел“, нагласи Пендаровски.
Истакнувајќи дека оперативно преговорите меѓу двете земји ги водат владите, Пендаровски рече дека е потребно да се направи обнова на довербата и како пријатели да разговараат и за најтешките прашања што во моментот ги разделуваат и дека се надева дека наскоро тие прашања ќе ги зближат.
Претседателот Румен Радев во кратката изјава истакна дека заедничкото патување е прекрасен повод за обновување на дијалогот меѓу двете држави.
„Заедничкото патување до Рим и оддавањето почит на светите браќа Кирил и Методиј е прекрасен повод да го обновиме дијалогот меѓу нашите две страни на највисоко ниво и да ја изразиме нашата општа волја за развивање на нашите односи во духот на соработката и пријателството и добрососедството“, рече Радев.
По изјавите двајцата претседатели со државен авион на Бугарија заедно заминаа за Рим.
- Односи Северна Македонија - Бугарија
Бугарија на 17 ноември минатата година стави вето за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Во пресрет на одлуката за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, во септевмри 2020 година, Бугарија им испрати на земјите членки на ЕУ објаснувачки меморандум, што се состои од шест страници, со долги историски образложенија за „државната антибугарска идеологија“ во Северна Македонија.
Софија бара поддршка од нив за нејзиниот став во врска со македонскиот идентитет и јазик.
Во меморандумот се вели дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и дека се смета оти несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт што „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.
На први август 2017 година помеѓу владите на Република Северна Македонија и Република Бугарија потпишан е Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.
Според Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, меѓу Македонија и Бугарија, формирана е Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, што треба да постигне согласност за историографските факти и документи кои се однесуваат на заедничките историски настани и личности.