Admir Fazlagic
25 Мај 2019•Ажурирај: 26 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, се состана со претседателот на Големото народно собрание на Република Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, кој претстојува во посета на земјава, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, на средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, при што е констатирано дека тие се пријателски, со интензивни контакти на највисоко ниво.
Двајцата соговорници разменија мислења и информации за состојбите во двете земји, како и за актуелните состојби во регионот.
„Претседателот Пендаровски изрази задоволство од континуираната поддршка од Република Турција за евроатлантските аспирации на Република Северна Македонија. Претседателот изрази очекување дека Република Турција, како стратешки партнер на Република Северна Македонија, наскоро ќе го ратификува протоколот за пристапување на земјата во НАТО", се вели во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски.
Се додава дека претседателот Пендаровски истакнал дека членството на Република Северна Македонија во НАТО позитивно ќе влијае за дополнителна стабилизација на регионот, како и во севкупната внатрешна општествено-политичка состојба во Република Северна Македонија.
На средбата на претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски и претседателот на ТБММ, Мустафа Шентоп, присуствуваше и амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара.
Претседателот на ТБММ, Шентоп, денес пристигна на Меѓународниот аеродром во Скопје.
Шентоп и неговата делегација беа пречекани од страна на потпретседателот на Собранието на Северна Македонија Весел Мемеди, амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, како и претставници на турските организации и институции во земјата.
Во рамките на посетата на земјата, Шентоп ќе се обрати на конференцијата организирана од Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ), на тема „Визијата на глобалниот мир во новиот милениум“.
Вечер, претседателот на ТБММ, ќе учествува на ифтарската вечера организирана под покровителство на Амбасадата на Турција во Скопје и во соработка на ИБУ, Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) и Општина Халилије од Турција.
Утре, Шентоп ќе отпатува во официјална посета на Босна и Херцеговина.