Stipe Majic
01 Август 2019•Ажурирај: 02 Август 2019
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, порача дека реакциите од Босна и Херцеговина, на медиумско неточно пренесените изјави на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, биле брзоплети и повика на дијалог, додавајќи дека Пељешкиот мост не е отворено прашање меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, во текот на денешната седница на Владата, во пресрет на гласањето за распределба на средствата за финансирање на културните, образовните, научните, здравствените и останатите програми и проекти од интерес за хрватскиот народ во БиХ за 2019 година, се осврна на контекстот поради кој дојде до голем број реакции во соседна БиХ, на наводните изјави на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ изречени во Израел и пренесени од тамошните медиуми.
Пленковиќ истакна дека резултатите на поддршката кои Владата на Република Хрватска ги пружа на хрватскиот народ во БиХ се гледаат во голем број места и порача дека хрватската политика во целина е насочена кон развојот на добрососедски односи и соработка во партнерството.
„Мене, како претседател на Владата, жал ми е што погрешно интерпретираните и пренесени вести во текот на посетата на претседателката на Република Израел, во еден израелски медиум, се доживеаја без проверка како факти. Го видовте тој многу непријатен пример. Па тогаш, морам да признаам, и апсолутно претераните реакции кои дојдоа од БиХ“, изјави хрватскиот премиер.
Тој испрати порака до сите официјални претставници на БиХ дека Хрватска и БиХ се две земји кои се поврзани една со друга, кои се пријателски држави, кои меѓусебно се почитуваат.
„Со сигурност можам да кажам дека БиХ нема поголем застапник, пријател, сојузник од Република Хрватска, во која било меѓународна институција, а особено во европските институции“, рече Пленковиќ.
Тој порача дека е важно да бидат внимателни во меѓусебната комуникација, да се уважуваат, да ги решаваат отворените прашања.
„Пељешкиот мост не е отворено прашање. Пељешкиот мост е легитимен интерес и стратешки проект на Република Хрватска за поврзување на јужниот дел на Дубровничко-неретванската жупанија, чија реализација конечно ќе помогне и на луѓето во БиХ кои живеат на подрачјето на Неум“, порача хрватскиот премиер.
Сите тие се, како што истакна тој, теми кои можат да се решаваат со дијалог.
„Она што ние го сакаме е Хрватите да бидат рамноправен, конститутивен народ во БиХ, да бидат адекватно застапени во сите претставнички институциии и тела на властите на легитимен начин. Тоа е единствена порака која е битна и релевантна“, додаде Пленковиќ.
„БиХ е наша соседна и блиска земја и затоа ми е жал што вака жестоки реакции тргнаа без проверка на она што навистина беше содржина“, изјави премиерот на Хрватска.
Пленковиќ додаде дека за содржината на претседателските разговори во Израел посебно го известил хрватскиот министер за економија, Дарко Хорват, кој беше дел од службената делегација на претседателката на Република Хрватска, и потврди дека содржината на разговорот не била дел од она што е пренесено.
„Поради тоа е важно да држиме јасна и цврста позиција како Република Хрватска и како Влада и во овој конкретен случај да ја поддржиме претседателката на Републиката“, заклучи Пленковиќ.