Gorana Jakovljevic
06 Декември 2024•Ажурирај: 07 Декември 2024
ЗАГРЕБ (АА) - Сѐ е очекувано. Парламентарното мнозинство во Хрватска е стабилно, изјави денес во Бања Лука хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, откако Парламентот не гласаше за неговиот отповик и за импичмент на Владата на Република Хрватска, јавува Анадолу.
За импичмент гласаа 64 пратеници, против беа 76, со што не беа достигнати потребните 76 гласа за разрешување на премиерот и на Владата.
„Се случи таа, навистина за сите нас, многу непријатна афера на министерот (заб. ав. за здравство Вили) Берош. Бевме повеќе згрозени од опозицијата кога ги видовме нејзините размени, веднаш реагиравме, дадовме безрезервна поддршка на органите на кривичното обвинителство. Сакаме тој случај целосно да се расчисти и затоа ја задолжив оваа нова министерка, Ирена Хрстиќ, која исто така доби доверба, да изврши ревизија на сите интервентни набавки во болничкиот систем кои беа на ниво на болницата и Министерството, да видиме дали имало други потенцијално проблематични случаи“, рече Пленковиќ.
Тој додаде дека Владата продолжува понатаму, дека имаат „други задачи, приоритети за економски раст, инвестиции, за висока вработеност, најниска невработеност досега, фаќање чекори со земјите од Централна и Источна Европа кои влегоа во Европската Унија пред нас, веќе успеавме многу да престигнеме“.
„Практично реализиравме две стратешки цели во првите шест месеци од нашата трета влада, имаме приближно 120.000 вработени повеќе отколку на крајот на втората влада, го достигнавме нивото на кредитен рејтинг А од сите три агенции за кредитен рејтинг и го следиме патот кој е стратешки важен и за кој на изборите во април на крајот ја добивме довербата на хрватските граѓани“, додаде Пленковиќ.
Собраниската расправа за импичмент на Пленковиќ и неговата Влада се одржа во понеделникот на предлог на опозицијата. Прашањето за импичмент го постави СДП, по последната корупциска афера, апсењето на министерот за здравство Вили Берош, а предлогот го поднесоа 31 пратеник во хрватскиот Сабор (Собрание).