Husamedın Gına
06 Февруари 2020•Ажурирај: 07 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија (ДИК) на Северна Македонија по повод Глобалниот ден на изборите организираше отворен ден за сите заинтересирани граѓани кои сакаат одблиску да се информираат за работата на Комисијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски, во изјавата за медиумите истакна дека Глобалниот ден на изборите во Северна Македонија се организира неколку години наназад и дека овој ден се користи како повод за заинтересираните граѓани и студентите да се информираат што значат изборите и како се организираат.
„Ова е добра можност еве сега и пред претстојните парламентарни избори да уште еднаш ги запознаеме граѓаните со нивното право на глас“, рече Деркоски.
Деркоски, одговарајќи на прашањето кои се најчесто поставуваните прашања од страна на граѓаните до ДИК, рече: „Најчесто прашуваат како можат да се проверат во избирачкиот список, како може да го остварат своето право на глас, тука и во дијаспората“, нагласи Деркоски.
Истакнувајќи дека меѓу другото има граѓани кои се заинтересирани за составот на самата Државна изборна комисија, Деркоски рече дека студентите се заинтересирани за уредувањето на изборниот систем и за тоа како се носи Изборниот законик.
Во однос на тоа дали Државната изборна комисија (ДИК) е подготвена за претстојните предвремени парламентарни избори што треба да се одржат на 12 април оваа година, Деркоски рече дека се спремни за изборите и дека чекаат на официјалниот момент на распишување на изборите.
Едукативниот ден се одржува во неколку термини во просториите на ДИК. На првиот термин присуствуваа студенти од Државниот универзитет во Тетово, а во следниот термин присуствуваат студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Стручната служба на ДИК детално ги информираше студентите за Изборниот законик и за процесот на гласање.
- Глобалниот ден на изборите одбележан во Албанија
По повод Глобалниот ден на изборите, Централната изборна комисија на Албанија организира состанок со студенти и млади кои на наредните избори за првпат ќе имаат право на глас.
Целта на овој настан е пренесување на едукативни пораки за подигање на свеста за важноста на гласот и за демократските процеси во земјата.
Членот на Централната изборна комисија на Албанија, Бледар Скендери, истакна дека одбележувањето на овој ден, заедно со претставниците на различни општествени групи, укажува на големата важност на изборниот процес, што според него има големо влијание во определувањето на судбината на земјата.
„Нема демократија без глас и нема демократија без слободен глас“, рече Скендери, додавајќи дека учеството на младите, студентите и матурантите на настани организирани по овој повод, е доказ на општествената солидарност и ангажирање кај младите за јасно разбирање на важноста, вредноста и моќта на гласот.
Глобалниот ден на изборите секоја година се организира во првиот четврток од месец февруари.