Abdula Berisha
18 Јуни 2020•Ажурирај: 19 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Претставниците на 15 политички партии кои учествуваат на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија денеска го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Предвремените парламентарни избори се закажани за 15 јули 2020 година, а подносителите на листите во просториите на Државната изборна комисија (ДИК) се обврзаа дека ќе го почитуваат изборниот кодекс.
Пред чинот на потпишување, претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, прочита делови од Кодексот, нагласувајќи дека овие избори се организираат „во исклучително сложени услови“, поради пандемијата на новиот коронавирус (Ковид-19).
Во рамките на Кодексот за фер и демократски избори, потписниците се обврзуваат да ги почитуваат сите изборни закони и правила, владеењето на правото, се обврзуваат дека нема да вршат притисок врз државните службеници, а овој пат, посебен дел од Кодексот се однесуваше и за почитување на заштитните мерки.
„Ние, учесниците во изборниот процес, недвосмислено се обврзуваме дека ќе ги почитуваме мерките за заштита на граѓаните од вирусот Ковид-19 во секоја фаза од изборниот процес. Ние, учесниците во изборниот процес, исто така недвосмислено се обврзуваме дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на каква било закана во однос на неговото вработување и социјална сигурност како резултат на неговото поддржување или неподдржување на која било политичка партија или кандидат“, рече Деркоски.
Претставниците на политичките партии посакаа изборите да се одржат во мирна, фер и демократска атмосфера, додека дел од нив изразија скептицизам за излезноста на гласачите поради пандемијата.
Потсетуваме дека во вторникот, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, го потпиша Решението за распишување на предвремените парламентарни избори за 15 јули.
Ова следуваше откако ден претходно лидерите на двете најголеми политички партии во земјава, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, постигнаа договор за датумот на изборите.
Поради пандемијата на коронавирусот во Северна Македонија се одложија предвремените парламентарни избори првично закажани за 12 април.