Alma Dekovic
10 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
САРАЕВО (АА) - Институтот за истражување на геноцидот Канада (ИГК) поднесе кривична пријава до Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) против новинарот на „Танјуг“, Марко Ивас, поради јавно негирање на геноцидот во Сребреница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот потсети дека новинарот на „Танјуг“, Марко Ивас, во кабинетот на претседавачот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, во Сараево во текот на интервјуто на 9 ноември го негирал геноцидот во Сребреница, кој е утврден со правосилните пресуди на меѓународните и националните судови, со што направил кривично дело од членот 145а став (3) од Кривичниот закон на БиХ (Закон за дополна на Кривичниот закон на БиХ објавен во Службениот весник на БиХ, број: 46/21).
Како доказ за изнесените тврдења ИГК го предаде материјалниот доказ од медиумите во кој јасно и недвосмислено се гледа негирањето на геноцидот во Сребреница, што е кривично дело.
ИГК потсетува дека Комшиќ во текот на интервјуто изјавил дека геноцидот во Сребреница е утврден со пресуда од меѓународните судови и дека за тоа не може да се дискутира.
Новинарот потоа рече дека тоа е ставот на Комшиќ, а претседавачот на Претседателството на БиХ одговори: „Не, тоа не е мој став, тоа го пишува во пресудите.“
„Со кои Вие сте согласен?“, додаде новинарот, а Комшиќ го праша: „Вие не сте?“
„Јас со таа пресуда не се согласувам“, одговори новинарот на „Танјуг“, на што Комшиќ го симна микрофонот и го прекина интервјуто.
„Новинарот не се служеше со факти, туку со сопствени коментари и мислење кои директно ги негира судските, научните и историските факти за геноцидот во Сребреница. Новинарот со негирање на геноцидот во Сребреница ги понижи жртвите на геноцидот, но и меѓународните судови, меѓународното право, меѓународната правда и меѓународните институции, особено Обединетите Нации (ОН)“, се наведува од ИГК.
Правниот тим на ИГК смета дека изнесениот материјален доказ од страна на осомничениот новинар претставува намерно и свесно кршење на одредбата од членот 145а став (3) од Кривичниот закон на БиХ, кој гласи:
Членот 145а став (3) од Кривичниот закон на БиХ, гласи:
„(3) Кој јавно одобри, започне, грубо намали или се обиде да го оправда геноцидот, злосторството против човештвото или военото злосторство, утврдено со правосилна пресуда во согласност со Повелбата на Меѓународниот воен суд придружена со Лондонскиот договор од 8 август 1945 година или Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија или Меѓународниот кривичен суд или судот во БиХ, а насочено е против група на лица или член на група определена по раса, боја на кожа, вероисповед, потекло или национална или етничка припадност и тоа на начин на кој би можел да поттикне насилство или омраза насочена против таква група на лица, или член на таква група, ќе се казни со казна затвор од шест месеци до пет години.“
Поради горенаведеното, правниот тим на ИГК смета дека постои основен сомнеж дека во дејствувањето на осомничениот новинар на „Танјуг“, Марко Ивас, се остварени битни обележја на кривичните дела од одредбата на членот 145а став (3) од Кривичниот закон на БиХ и бара Обвинителството на БиХ итно да ги преземе сите по закон предвидени активности и против осомничениот да подигне кривична постапка во согласност со Законот.
ИГК порано поднесе кривични постапки против членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и претседателката на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска, Жељка Цвијановиќ, за негирање на геноцидот и негирање на државата БиХ. ИГК за овие кривични пријави ќе ги информира надлежните политички и други субјекти на Канада.