Kemal Zorlak
27 Август 2021•Ажурирај: 28 Август 2021
САРАЕВО (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска престојува во официјална посета на Босна и Херцеговина, а граѓаните на Сараево, кои ги прашавме што мислат за неговото доаѓање, истакнуваат дека претседателот Ердоган е голем пријател на Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган утринава пристигна во Сараево, каде што присуствуваше и на свеченото отворање на џамијата во Башчаршија, која е реставрирана од Генералната дирекција на вакафи на Република Турција. Граѓаните кои се собираа на платото на Башчаршија за да ја проследат церемонијата на отворање, ги прашавме што мислат за посетата на Ердоган.
Сараевчанката Зинка Шеховиќ рече дека е среќна за посетата, и дека, како и секој добар домаќин, со нетрпение го чека гостинот.
„Мило ми е. Мене, инаку, како домаќин мило ми е и секогаш сакам кога некој ќе ми дојде. Се чувствувам среќно. Ердоган и државата Турција ни помогнаа многу на секој план“, изјави Шеховиќ, посебно поздравувајќи ги напорите на Турција во обновата на културно-историските споменици на подрачјето на БиХ.
Зијад Грчиќ, исто така, истакна дека му е мило што Ердоган дошол во БиХ.
„Можам само да кажам дека мило ми е и дека би сакал почесто да доаѓа, не само во Сараево туку во цела БиХ“, изјави Грчиќ, нагласувајќи исто така оти смета дека Ердоган е голем пријател на БиХ.
Тој додаде дека му е посебно мило што е обновена џамијата во Башчаршија.
„Им благодарам, тоа не се заборава. Граѓаните на Сараево никогаш не заборавија“, заклучи Грчиќ.
Слично мислење има и Рабија Османагиќ.
„Јас мислам дека денеска е еден од најсреќните денови затоа што нѐ посетува г. Ердоган, претседателот на Турција, кој е за мене, и мислам дека и за мојот народ во БиХ, најголемиот пријател кој отсекогаш ни помагал во војната и сега“, рече таа.
Велејќи дека е среќна за доаѓањето на Ердоган во БиХ, таа додаде дека ќе биде особено задоволна ако успее да се сретне и да се поздрави со него.
На крајот, таа изрази радост поради фактот што беше реновирана Башчаршиската џамија во Сараево, која, како што рече, е најубавата сараевска џамија веднаш до Беговата и Царевата.
Турскиот претседател Ердоган попладне ќе се сретне со претседателот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, Шефик Џаферовиќ и Милорад Додик. Прес-конференција е закажана по состанокот и работната вечера.
Ердоган по БиХ ќе ја посети и Црна Гора.