Abdula Berisha
12 Мај 2022•Ажурирај: 13 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претставници на синдикалните здруженија постигнаа начелен договор со претставниците на Министерството за правда и на Управата за водење на матични книги (УЗМК), со што е одложен протестот закажен за денеска, но штрајкот во оваа институција продолжува сѐ до одобрувањето на договорот од страна на Министерството за финансии, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Марјан Ристески, изјави дека на средбата е постигнат договор за Колективниот договор и очекува тој за брзо време да добие зелено светло од Министерството за финансии.
„Денеска имавме средба со претставници на Министерството за правда и со директорот на Управата за водење на матични книги. Начелно, за правниот дел во Колективниот договор конечно најдовме разбирање и сега она што е најважното, процентот. Колективниот договор уште во текот на денешниот ден, се надевам, утре најдоцна, ќе биде проследен до Министерството за финансии и очекуваме брза реакција, да одговорат во делот што е за финансии“, рече Ристески.
Синдикалните претставници изјавија дека доколку Министерството за финансии не одговори брзо и позитивно на постигнатиот договор, тие од следната недела ќе протестираат пред Министерството за финансии.
Во меѓувреме, Тони Милошевски од независниот Синдикат на Управата за водење на матични книги вели дека штрајкот на вработените продолжува и дека со постигнатиот начелен договор само се одложува протестот.
„Штрајкот продолжува, само протестот е одложен за наредната недела, ќе кажеме во кој ден ќе се одржи, ако, нормално, Министерството за финансии на директорот не му даде зелено светло за да се потпише Колективниот договор“, рече Милошевски.
Тој, исто така, изјави дека за време на штрајкот се реализираат само венчавките закажани пред штрајкот и итните случаи.
Барањата на синдикалците беа линеарно зголемување на платите на сите вработени, нов колективен договор и унапредување.
Во Република Северна Македонија, повеќе синдикални здруженија негодуваа по зголемувањето на минималната плата од 15.000 на 18.000 денари, барајќи линеарно зголемување на платите на сите вработени. Претходно, најзначајниот штрајк беше одржан од вработените во градинките и основните училишта, кои исто така постигнаа договор со Министерството за образование и наука.