Ivana Ramadanova
14 Април 2017•Ажурирај: 15 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Православните верници денес го одбележуваат Велики Петок, со што започнува одбележувањето на велигденските празници, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој голем ден за православните верници, се празнува со свети литургии и принесување на бескрвна жртва, со читање извадоци од евангелијата. Велики Петок, уште се вика и Распет петок, зашто на тој ден, според христијанското верување, Исус Христос бил распнат на крстот и токму поради тоа овој ден се смета за најтешкиот ден во христијанскиот календар.
За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да се помине без јадење и пиење, во знак на таговно сеќавање на настаните од тоа време.
Во православните цркви на Велики Петок се поставува специјално украсена маса, која е симбол на гробот на Исус.
На неа се изнесува Плаштаницата – покривка на која е претставен ликот на Исус Христос како лежи во гробот.
На овој ден православните верници одат во црква со цвеќе и црвено јајце, кои ги оставаат на „гробот“, ја бакнуваат Плаштаницата, а потоа се наведнуваат и поминуваат под неа молејќи се за здравје, мир и за благосостојба.
Поминувањето под Плаштаницата, според христијанското верување, ја симболизира смртта и воскреснувањето на Исус Христос. Се верува дека оној кој минува под неа влегува како грешник, а излегува како нов човек, прочистен од старите гревови.
Денес, православните верници освен што постат и конзумираат посна храна, читаат и библиски стихови.
Граѓаните, Велики Петок и Велигден претежно ги слават во кругот на своите семејства, подготвувајќи традиционални јадења и одејќи в црква.
Инаку, оваа година празникот Велигден ќе биде одбележан на 16. април, во недела.