Senada Ibraimova
20 Јануари 2017•Ажурирај: 21 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) изготви стандардизирани инвестициски технички проекти наменети за изградба на сточарски фарми, за подигнување овошни и лозови насади и за изградба на мандри и силоси, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешната прес-конференција во МЗШВ, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков, изјави дека министерството подготвило типски технички проекти за кои ќе следат огласи за ИПАРД 2 програмата и за Програмата за рурален развој 2017 година.
Како што рече тој, на овие огласи ќе можат да аплицираат сите заинтересирани земјоделци кои сакаат да инвестираат во современи фарми и насади, а проектите ќе ги добиваат бесплатно, преку подрачните единици на Министерството за земјоделство.
Според Цветков, најголем проблем на малите земјоделци за конкурирање на ИПАРД 1 програмата им беше исполнувањето на условите, односно проектите што тие треба да ги направат, па затоа, како што рече тој, оваа програма не беше доволно искористена.
„Во тој правец, ние пристапивме кон изготвување на практично типски проекти за сѐ што е потребно во земјоделието. Така што, во тој правец изготвивме 27 стандардизирани инвестициски проекти наменети за изградба на сточарски фарми, подигнување овошни и лозови насади, изградба на мандри, силоси“, рече министерот.
Во рамките на овие стандардизирани проекти, во лозарството на земјоделците им стојат на располагање 5 технички проекти, за сточарството 15 проекти, за овоштарството изработени се проекти за подигнување насади за 5 видови овошје (јаболко, праска, цреша и лешник) и два проекта за поставување систем „капка по капка“, а за производителите на житни култури министерството нуди технички проекти за изградба на силоси за зрнестите култури, и тоа за капацитет од 25, 50, 100, 250, 500 и од 1.000 тони зрнести култури.
Според министерот, типските проекти за сточарството, кои предвидуваат отворање на мини-фарми, ќе придонесат за подобрување на снабдувањето на пазарот со месо и млеко, како и да се подобрат приходите на одгледувачите на добиток од овие гранки.
Типските проекти за мини-фарми се однесуваат за 10 и 20 маторици, 30 и 50 гојни грла говеда, 10, 20 и 30 молзни крави, 100 и 300 молзни кози, 100 и 300 молзни овци, како и за мандри и за типски фарми за бројлери од 250, 500 и 1.000 квадратни метри.
„Сакаме да одиме на тоа сточарите да не го продаваат млекото во млекарите, каде што знаете нели, нон-стоп се жалат на ниски цени, туку тие да го преработат во сирење и кашкавал и да ја подигнат вредноста на производството“, истакна Цветков.
Министерот, исто така, изјави дека министерството започнува со осовременување на 100 овчарски фарми коишто користат пасишта во државна сопственост. Тој рече оти се избрани економски оператори за оваа цел, а кога ќе дозволат временските услови, ќе се започне и со воспоставување на системи за електрична енергија од соларни фотоволажни комплети за производство на струја од обновливи извори на енергија, громобрани, како и довод на вода со црево од 1.000 метри по фарма.
На крајот, Цветков нагласи дека овие проекти се бесплатни, односно секој земјоделец може да се пријави и со некој од проектите да аплицира за програмата ИПАРД 2 и за Програмата за рурален развој за 2017 година.
За сите овие инвестиции, земјоделците можат да побараат неповратни средства од 60 до 80% од двете финансиски програми.