Aleksandar Savanovic
19 Мај 2023•Ажурирај: 21 Мај 2023
НОВИ САД (АА) - Земјоделците кои денеска четврти ден протестираат во Нови Сад, Србија, претпладнево го блокираа Темеринскиот мост со трактори, што под блокада ќе остане до 16 часот, изјави за Анадолу Горан Филиповиќ од Иницијативата за опстанок на земјоделците од Србија,
За време на блокадата сообраќајот е пренасочен по алтернативни правци, а преку овој мост можат да минуваат возила за итни случаи.
Филиповиќ рече дека по 16:00 часот земјоделците ќе дојдат со трактори пред Новосадскиот саем, каде што се собираат од вторникот, наведувајќи дека во координација со другите здруженија на земјоделци ќе ги договорат понатамошните методи на протест, особено имајќи предвид дека утре е закажано отворањето на 90. Меѓународен саем за земјоделство.
Претставникот на незадоволните земјоделци рече и дека од Владата на Србија сè уште нема стигнато никаков одговор на нивните осум барања што ги доставиле заедно со претставниците на уште шест земјоделски здруженија, но дека има одредени контакти и дека нешто повеќе за тоа ќе се знае во текот на денот.
Седум здруженија на земјоделци бараат од Министерството за земјоделство на Србија и другите надлежни министерства загарантирана цена на млекото од 78 динари + ДДВ, субвенции по хектар од 300 евра, премии за млекото од 20 динари по литар, изедначување на референтната цена на земјоделските посеви со берзите во Париз и Будимпешта, воведување заштитни мерки за сите земји на ЕУ и договори ЦЕФТА на сите млечни производи, дизел-горивото за обработливо земјиште без акциза со ДДВ да биде за 100 литри по хектар за земјоделски култури и 300 литри по хектар за градинарски и овошни култури, регрес за млечните крави од 40.000 динари и укинување на плаќањето на надоместот за одводнување и префрлање на оваа обврска на локалните самоуправи.
По два одржани состаноци во Владата на Србија кои не резултираа со договор, земјоделците се решија на протести, што прерасна во протестни блокади.