Abdula Berisha
08 Февруари 2021•Ажурирај: 09 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Република Словачка, преку агенцијата „Словачка помош“, ѝ донираше 4 респиратори на Северна Македонија во рамките на НАТО Доверителниот фонд за одговор на пандемија, со цел да се справи со пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Примопредавањето на респираторите се одржа на Меѓународниот аеродром Скопје, каде што присуствуваа министерот за надворешни и европски работи на Словачка, Иван Корчок, вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, Никола Димитров, и министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче.
Во својот говор, шефот на словачката дипломатија рече дека двете земји имаат одлични односи, додавајќи дека Словачка ја поддржува Северна Македонија на патот кон полноправно членство во Европската Унија (ЕУ).
Тој рече дека како и остатокот од светот, и Словачка се соочува со големи тешкотии поради пандемијата, но истакна дека ова е момент во кој мора да се покаже дека пријателите си помагаат едни на други.
„Словачка се соочува со тешкотии при помагањето на своите граѓани, но не забораваме дека исто како што ни помагаат, ние сакаме да им помагаме и на другите. Затоа сум среќен што донирам во име на словачката Влада 4 респиратори од врвна технологија, што се надевам дека ќе помогнат да се спасат животите на вашите граѓани кои се во критична состојба“, рече Корчок.
Истакнувајќи дека респираторите се дел од НАТО Доверителниот фонд за одговор на пандемија, Корчок рече дека тие вредат околу 100.000 евра.
Министерот Филипче им се заблагодари на словачкиот народ и на словачката Влада за донацијата, потенцирајќи дека респираторите ќе бидат дистрибуирани до болниците каде што се најпотребни.
„Ова е еден доказ дека кога вака се негуваат пријателите, тогаш навистина служат и се наоѓаат кога е навистина потребно. Уште еднаш голема благодарност, верувам дека соработката ќе продолжи и на ова поле, меѓутоа и на многу други полиња, помеѓу двете земји“, рече Филипче.
Во меѓувреме, вицепремиерот Димитров изрази благодарност за поддршката дадена и во евроинтеграциите и преку 3-те донации што словачката Влада досега ги обезбеди за Северна Македонија во соочувањето со пандемијата.
„Добро е да се имаат пријатели, добро е да се имаат блиски пријатели. Оваа (донација) стигнува преку системот на НАТО, претходната стигна преку системот за цивилна заштита на ЕУ. Посебно е добро да се имаат така блиски пријатели коишто мислат на нас и кога нив им е тешко“, рече Димитров.
За време на еднодневната посета на Северна Македонија, шефот на словачката дипломатија се состана и со премиерот Зоран Заев и со неговиот колега Бујар Османи.