Dzihat Aliju
23 Декември 2025•Ажурирај: 24 Декември 2025
СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова во своето годишно обраќање во Собранието повика на национален консензус во однос на евроинтеграциите на земјата, јавува Анадолу.
Во обраќањето во законодавниот дом Сиљановска-Давкова зборуваше за неколку теми, вклучително и надворешната политика, правичната застапеност, фемицидите, животната средина.
Таа повика на национален консензус во однос на евроинтеграциите и потенцира дека проблемот не е само административен туку лежи во уставните амандмани нагласувајќи дека тоа е политички критериум.
Таа кажа дека се потребни јасни гаранции од Европската Унија (ЕУ) и од Бугарија.
- „Ако можеше да го направи тоа за Украина, може и за нашата држава“
„Потребна е политичка волја, но не само наша туку и на Унијата. Оти ние сме предложиле повеќе излезни решенија, а Европската Унија треба да избере едно или да најде свое креативно решение за деблокада на процесот. Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас“, порача Сиљановска-Давкова.
Сиљановска-Давкова, зборувајќи за пожарот во ноќниот клуб во Кочани на 16 март, рече дека сите ќе ја носат траумата од оваа трагедија, при што загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
На годишното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова, меѓу другите, присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, началникот на Генералштабот, Сашко Лафчиски, претставници на верските заедници и амбасадорот на Турција во Скопје, Фатих Улусој.