Stipe Mayiç
19 Мај 2017•Ажурирај: 20 Мај 2017
ЗАГРЕБ (AA) - Претседателот на Европскиот парламент (ЕП), Антонио Тајани, на почетокот од службената посета на Хрватска се состана со претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ. Тие разговараа за јакнењето на соработката меѓу ЕП и Саборот, состојбата на Балканот, терористичките закани, мигрантската криза и за развојот на стопанството преку подобро користење на фондовите на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Неизбежна тема беше југоисточна Европа, при што Јандроковиќ истакна дека сите земји од овие простори коишто имаат амбиција да станат полноправен дел од ЕУ, мораат да ги исполнат сите потребни критериуми.
Тајани и Јандроковиќ се сложија дека политичката стабилност на земјите-членки на ЕУ и националните институции, јакнењето на функционирањето на европските институции и изградбата на доверба на граѓаните во институциите се пресудни за опстанок и развој на европскиот проект.
„Европската Унија се соочува со големи предизвици. Тоа се високата невработеност на младите, терористичките закани и мигрантскиот бран", изјави Тајани.
Тој прача дека Хрватска мора да има клучна улога во стабилноста на Балканот, оценувајќи дека се работи за многу комплициран регион.
„Некои од земјите се кандидати за членство во ЕУ. Постојат низа опасности од странски борци, кои доаѓаат од странски војувалишта, и поради тоа е важно да се обезбеди стабилноста на овој регион", рече Тајани.
„Поради тоа, важно е Хрватска колку што е можно порано да стане дел од шенгенската зона, бидејќи има важна улога и во регионот на Медитеранот, во намалувањето на бројот на бегалците на европското тло", порача Тајани.
Тој оцени дека Хрватска направила голем чекор во економскиот раст, но додаде дека треба да работи поинтензивно на искористувањето на фондовите од ЕУ, особено на пакетот ЦОСМЕ, вреден 2,4 милијарди евра, наменет за туризмот којшто во Хрватска е многу важна стопанска гранка.
Актуелизирано е прашањето на соработка на Хрватскиот сабор и ЕП и ускладувањето на заедничкото европско законодавство, за тоа да биде во функција на европските граѓани.
На Антонио Тајани ова му е прва службена посета на Република Хрватска во функција на претседател на ЕП.
Тајани во текот на денот ќе се состане со претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ и со премиерот Андреј Пленковиќ, и во Хрватската академија на науките и уметностите ќе одржи говор за иднината на Европа.