Admir Fazlagic
06 Септември 2019•Ажурирај: 08 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, со Медал за храброст одликуваше 8 припадници на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Медалот за храброст им се доделува за покажаната исклучителна храброст и пожртвуваност при извршувањето на задачите во справувањето со огнената стихија за време на пожарот во Општина Кисела Вода во Скопје, со што придонеле за навремено извлекување на загрозените станари.
„Во пресрет на Денот на независноста - 8 септември, нивниот херојски чин е момент на обединување за сите нас како граѓани“, истакна претседателот Пендаровски, при што им честиташе за врвната професионалност и пожртвуваност.
Претседателот Пендаровски на денешната свеченост го врачи и признанието „Повелба на Република Северна Македонија“ на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, за посветено извршување на задачите при гаснење пожари на подрачјето на градот Скопје, отстранување на непосредната опасност за настанување на пожари, спасување на животот на граѓаните и заштита на имотот, загрозени од пожари и од експлозии, како и за останатите активности во согласност со делокругот на работа.
„Се надевам дека медалите и повелбата ќе бидат дополнителен мотив за понатамошна посветена работа и за професионално дејствување. Исто така, верувам дека сево ова ќе биде и потсетување за значењето на противпожарните бригади и потребата од постојано инвестирање во современа опрема и модерни средства и алати неопходни за нивната работа, како и потребата од обука и тренинг на пожарникарите. Секако, ова се однесува за сите противпожарни бригади низ целата наша држава“, истакна Пендаровски.
Тој додаде и дека не треба да се штеди при набавката на опрема и секаде каде што е потребно да се зголеми бројот на пожарникари и да се инвестира во нивните вештини и знаења.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, во името на Бригадата и на сите колеги пожарникари упати благодарност до претседателот Пендаровски за одликувањето со Медал за храброст, и за признанието „Повелба на Република Северна Македонија“.
„Бригадата за противпожарна заштита во оваа година се соочи со повеќе сериозни и тешки интервенции во коишто одговоривме максимално професионално и со нашата посветеност кон работата не дозволивме поголеми несреќи и катастрофи“, рече Симоновски.
Пожарот што се случи во јуни годинава, во седумкатница во Општина Кисела Вода, беше навремено изгаснат без загуба на човечки животи. Поради сериозни респираторни проблеми, на Универзитетската клиника за токсикологија беа хоспитализирани 11 лица, од кои четворица пожарникари.