Abdula Berisha
17 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, се состана со поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот на Република Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во соопштението испратено од Кабинетот на претседателот, на средбата присуствуваа поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. г. Стефан; поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи; поглаварот на Католичката црква, Киро Стојанов; претседателот на Црковното претставништво на Евангелско-методистичката црква, Емил Заев; претседателката на Еврејската заедница во Република Северна Македонија, Берта Романо Николиќ, како и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
„На средбата претседателот Пендаровски посочи на соживотот и почитувањето на различностите како едни од темелните вредности на Република Северна Македонија. Пред поглаварите и претставниците на верските заедници претседателот ја истакна неговата заложба да соработува со сите верски заедници во Северна Македонија, во интерес на меѓусебното разбирање и толеранција. Претседателот Пендаровски укажа на важноста на улогата на поглаварите на верските заедници во негувањето на соживотот, како важен предуслов за просперитет и напредок на државата“, стои во соопштението.
Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателот, поглаварите и претставниците на верските заедници ја поздравија иницијативата за одржување на денешната средба и посочија дека и покрај верските разлики, заедничка цел на сите е градење на мир и почитување.