Senada Ibraimova
24 Јануари 2017•Ажурирај: 25 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Здружението „ХОПС – Опции за здрав живот Скопје“ ги промовираше наодите од истражувањето „Децата и младите во ризик во Република Македонија – рамноправни членови на социјалната држава или категорија за креирање фиктивни политики?“, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на истражувањето е да ги идентификува проблемите на младите во ризик и да поттикне еден процес на операционализирање на можните решенија.
Ова истражување содржи анализи на достапните сервиси и националните политики поврзани со социјалната и здравствена заштита, образованието, вработувањето и безбедноста за одредени групи и тоа, деца и млади без родители и родителска грижа, деца и млади Роми, деца и млади во конфликт со законот, деца и млади кои употребувале или сѐ уште употребуваат психоактивни супстанции, деца и млади од улица, како и млади кои потекнуваат од семејства што имаат историја на користење психоактивни супстанции и/или се во судир со законот.
Програмската асистентка за едукации во ХОПС, Аница Димовска, во своето обраќање рече дека при истражувањето на институциите и здруженијата што работат со ваквите групи млади лица во ризик е забележано дека институциите не регистрираат податоци за поделба во категории на овие лица, додека пак, повеќето од здруженијата бележат податоци за нив.
Таа истакна дека постојат пишани документи во националните политики и законодавства, каде што се спомнуваат децата, односно младите во ризик, но оти тие треба целосно да се спроведат во практиката. Како државни институции што ги спроведуваат овие политики, ги бележат овие групи и водат евиденција за нив, Димовска ги издвои Државниот совет за превенција од детско претстапништво и народниот правобранител.
Во однос на здруженијата што се занимаваат со овие категории на млади во ризик, таа пренесе дека најчесто тие се финансираат од меѓународни извори, додека пак полека се забележува нивно препознавање од страна на локалната самоуправа, што според неа значи одличен чекор за соработка.
Менаџерот на центарот за едукација, документирање и истражување – ХОПС, Влатко Деков, во своето обраќање истакнува дека во фокусот на истражувањето на ХОПС се децата и младите кои употребуваат дроги, а особено оние што се малолетни, и се осврна на проблемот со непостоењето на програми за лекување на малолетни корисници на дрога во Македонија.
Деков нагласи дека ХОПС како организација има голем број активности во врска со оваа категорија на лица, но како што рече, надлежните институции немаат преземено речиси ништо или многу малку чекори во однос на тоа.
„Министерството за здравство изработи протокол за лекување малолетни корисници на дрога, кој веќе две години е во подготвителна верзија и сѐ уште не е усвоен. Индиферентноста на надлежните институции доведува до постојано зголемување на бројот на малолетни корисници на дрога, меѓутоа и до значително нарушување на нивното здравје“, рече Деков.
Здружението ХОПС во текот на 2016 година исконтактирало 33 малолетни лица – корисници на дроги, од кои 7 се нови, односно првпат се детектирани минатата година. Според Деков, ниедно од овие лица не започнало со лекување, поради како што рече тој, немање програма за лекување, или пак поради административните бариери.
„Имено, Центрите за лекување на зависности работат во склоп на психијатриска болница, којашто според статутот е надлежна само за возрасни лица, односно овие центри не можат да примаат на лекување малолетни корисници на дроги“, рече Деков и додаде оти единствената опција за овие малолетни лица е можноста за лекување со бубренофин на Кклиниката за токсикологија, но според него, овде настануваат административни бариери, на што укажува фактот што во 2016 година, клиниката нема примено на лекување ниту еден малолетник.
Истражувањето е спроведено во рамките на меѓународниот проект „Социјално зајакнување на младите во ризик“, којшто се спроведува во државите од Западен Балкан, а носител на проектот е Здружението „Јувентас“ од Црна Гора.
Во овој проект се вклучени организации и здруженија од Косово, Албанија, Србија и од Босна и Херцеговина.