Husamedin Gina
02 Декември 2021•Ажурирај: 03 Декември 2021
СКОПЈЕ (АА) – Групацијата на производители и преработувачи на пластични маси при Сојузот на стопански комори побара целосно одложување на примената на Законот за управување со пакување и отпад од пакување бидејќи е засегнато опстојувањето на 32 претпријатија кои бројaт вкупно 600 вработени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Групацијата денеска на прес-конференција ги соопшти предизвиците со кои се соочува овој сектор поради стапување во сила на новите законски измени со кои се зголемува продажната цена на оксо-биоразградливи кеси.
Ели Качева, претседателка на Групацијатa на производители и преработувачи на пластични маси, истакна дека бараат целосно одложување на примената на Законот за управување со пакување и отпад од пакување бидејќи е донесен без консултација со приватниот сектор и погодува една цела индустриска гранка.
„Од овие законски измени директно е засегнато опстојувањето и егзистенцијата на 32 претпријатија и 600 вработени физички лица, не вклучувајќи ги и надворешните соработници како добавувачи на репроматеријали, дистрибутери и слично“, нагласи Ели Качева.
Истакнувајќи дека треба да се укине надоместокот од 15 денари за една кеса бидејќи нема пазарна логика, Качева рече дека цената на кесите во Србија изнесува 7,5 денари, а во Грција, 9 денари.
Качева, меѓу другото, додаде дека е неопходно да се интервенира и во казнените одредби, бидејќи глобите за трговците доколку не водат соодветна евиденција за продажбата на кеси, се и до 180.000 евра.
Александар Боризовски, заменик-претседател на Здружението на производители на пластични маси, истакнувајќи дека се откажани сите поголеми нарачки за кеси од маркетите и од потрошувачите, рече дека производството ќе падне за 90 проценти.
На новинарско прашање дали започнале со отпуштање на работници, Боризовски рече дека веќе на вработените им најавиле дека ќе ги отпуштаат од работа.
Од вчера, 1 декември 2021 година, започна примената на Законот за управување со пакување и отпад од пакување. Со тоа пластичните кеси во маркетите во Северна Македонија ќе се наплаќаат по 15 денари, со што треба да се дестимулира купувањето на ваквите производи кои ја загадуваат околината.