Admir Fazlagikj
16 Декември 2017•Ажурирај: 17 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Над стотина граѓани денеска излегоа на протест пред Владата на Република Македонија во Скопје со што побараа релевантните институции да преземат итни мерки против загадениот воздух, јавува Anadolu Agency (AA).
Денешниот протест беше најавен и организиран на социјалните мрежи со слоганот „Станете за чист воздух“, а собраните граѓани кои мирно протестираа пред зградата на Владата велат дека излегле на протест да побараат спроведување на мерки кои ќе придонесат за намалување на загадениот воздух кој негативно се одразува врз здравјето на граѓаните на Скопје, но освен тоа, го попречува и нормалното функционирање на градот.
Дел од мерките кои беа искажани на денешниот протест се итно чистење на сите главни и споредни улици во Скопје, забрана за сообраќај во најзагадените денови освен за возила на пожарна, полиција, брза помош, службени возила за истовар на роба, бесплатен јавен превоз, исклучување од сообраќај на старите возила кои загадуваат.
Исто така, граѓаните бараат и забрана на градежни активности во период на загеден воздух (ноември, декември, јануари),субвенциониран приклучок на топлификација за сите граѓани, итно и транспаретно мониторирање на индустриските погони, помош за домаќинствата кои немаат финансии за греење, итно чистење на сите диви депонии во градот, како и санкции за палачите на огнови на отворено, посебно да се обрне внимание на кејот на реката Вардар.
Меѓудругото, на протестот беше порачано дека загадувањето на воздухот посебно ги загрижува поради децата, бидејќи, како што велат, квалитетот на воздухот највеќе влијае врз здравјето на децата.
Во последните денови, главниот град на Република Македонија се соочува со енормно загадување на воздухот при што беше забележано високо ниво на ПМ 10 честичките. Дополнителни проблеми предизивкуваше и густата магла.
- Владата донесе итни мерки против загадувањето на воздухот
Владата на Република Македонија вчера соопшти дека донесе низа итни мерки против загадувањето на воздухот.
Со итните мерки се препорачува да се ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лица со хронична астма, лица со прележан инфракт или мозочен удар без разлика на возраста. Да се реорганизира работното време за оние кои работат на отворено од 11 до 17 часот, забрана за одржување спортски натпревари и други манифестации на отворено и обезбедување услови за зголемена активност на брзата помош, домашната помош и патронажната служба.