Admir Fazlagic
02 Мај 2017•Ажурирај: 03 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Вечева во Скопје пред Собранието на Република Македонија се одржа протестот на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија", кои по насилните настани од четвртокот во Собранието продолжија да протестираат поради како што велат „ нелегитимниот збор на Талат Џафери за претседател на Собранието", како и против отфрлање на таканаречената платформа на албанските политички партии. Тие и вечерваа апелираа до претседателот Ѓорѓе Иванов, да не отстапува од својот став според кој „нема да го додели мандатот на секој оној кој преговара за платофрми на други држави со кои се уценува македонскиот народ", јавува Anadolu Agency (AA).
Како и во изминатите денови и вечерва протестот започна од пред Владата на Република Македонија, продолжи кон Народната канцеларија на претседателот на Макеоднија и заврши пред Собранието на Република Македонија, од каде предводниците на иницијативата „За заедничка Македонија" ги упатија своите пораки.
Граѓаните кои протестираат се противат на изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието. Според нив, неговиот избор од страна на парламентарното мнозинство е направен на нелегален начин. Исто така, тие побараа предвремени парламентарни избори за излез од кризата во која се наоѓа земјата.
Тие порачаа дека нема да отстапат од своите барања, и истакнаа дека ќе се борат против се она, како што рекоа, што ја загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста.
Протестот заврши мирно, а се одржа под силно полициско обезбедување. Во центарот на Скопје се распоредени бројни специјалци со оклопни возила.
Потсетуваме дека вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, од страна на парламентарното мнозинство предводено од Социјалдемократскиот сојуз, во хаотична ситуација, демонстрантите симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои се собраа пред зградата на Парламентот, влегоа на сила во зградата. Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи и пратеници, полицајци и претставници на медиумите.