Fatjon Cuka
26 Мај 2018•Ажурирај: 27 Мај 2018
ТИРАНА (АА) - Опозициските партии во Албанија одржаа протест во Тирана, со апел за оставка на министерот за внатрешни работи на Албанија, Фатмир Џафај, а за време на протестот имаше инциденти и тензии, во кои некои лица се здобија со повреди, јавува Anadolu Agency (AA).
Поддржувачите на Демократската партија на Албанија и другите опозициски партии најпрвин се собраа за да протестираат на булеверот „Загинатите херои на нацијата“, пред Кабинетот на премиерот на Албанија.
Пред демонстрантите имаше обраќање и лидерот на опозицијата, а воедно и лидер на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша. „Денес сме собрани на овој плоштад за да покажеме дека сме Европејци, а како Европејци веруваме во владеењето на правото“, рече Баша.
„Денес протестираме за слобода, демократија и правда, со достоинството и моќта на слободни лица. Нашето оружје на демократијата е слободниот граѓанин, но пред сè, имаме потреба од доверба во себеси, во нашата сила, во нашата енергија и во нашата моќ. Имаме потреба да веруваме дека можеме да го собориме лошото и да го изградиме доброто“, додаде тој.
По обраќањето на Баша, демонстрантите фрлија димна бомба кон зградата на премиерот на Албанија, а потоа продолжија да протестираат пред зградата на Министерството за внатрешни работи на Албанија.
За време на протестот пред Министерството ситуацијата стана тензична, по судирот помеѓу полициските сили и демонстрантите.
Полицијата на Албанија за непречено одвивање на протестот презеде одредени мерки, блокирајќи некои улици и мобилизирајќи стотици полицајци.
Потсетуваме, Демократската партија на Албанија објави аудиоприслушувања во кои се тврди дека Агрон Џафај, брат на министерот за внатрешни работи на Албанија, Фатмир Џафај, шверцува дрога во градот Валона. По објавувањето на овие прислушувања, опозицијата побара оставка од министерот Џафај.