Saimir Alija
05 Март 2020•Ажурирај: 06 Март 2020
ТИРАНА (АА) - Претседателот на Албанија, Илир Мета, денеска го прими својот бугарски колега Румен Радев, кој престојува во официјална посета во Албанија, јавува Агенција Анадолија (AA).
По церемонијата на прием во Палатата на бригадите во Тирана, Мета и Радев одржаа заедничка прес-конференција, на која албанскиот претседател рече дека Бугарија и понатаму е недвосмислен застапник за европската интеграција на Албанија и на земјите од регионот.
„За време на состанокот разговаравме и за реформите во Албанија, при што истакнав дека е важно да покажеме подобрувања во врска со деветте прашања на Бундестагот, кои се патоказ за Албанија за олеснување на отворањето на пристапните преговори“, рече Мета.
Зборувајќи за економската и трговската соработка меѓу двете земји, Мета истакна дека силите треба да се соединат и со други земји заинтересирани за зајакнување на Коридорот 8.
„Специјалните проекти ќе ја размножат трговската, економската и човечката размена помеѓу нашите две земји во просторот од Јадранското до Црното Море. Во оваа насока, соработката во областа на инфраструктурата, особено железничкото поврзување помеѓу пристаништата Драч и Варна, енергетиката и сѐ заедно ќе овозможи да имаме олеснета инфраструктура за амбицијата што ја имаат нашите две држави на билатерален, но и на регонален план“, рече Мета.
Албанскиот претседател исто така истакна дека во иднина треба да расте соработката за справување со вонредните состојби.
„Ја истакнав важноста за континуирана соработка во областа на вонредните состојби. Придонесот на Бугарија беше професионален и служеше како добро искуство за нашите тимови“, рече Мета.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, рече дека посетата се одвива во атмосфера на заемна поддршка и заеднички приоритети.
„Јас сум тука да искажам силна поддршка на Бугарија за европскиот пат на Албанија. Мојата посета е во важен момент во кој се одлучува која ќе биде перспективата на Западен Балкан, на која Бугарија даде голем придонес со тоа што го претвори Западниот Балкан во центар на вниманието на ЕУ“, рече бугарскиот претседател.
„Бугарија смета дека Албанија е подготвена да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Најновиот извештај на Европската комисија го истакнува напредокот на Албанија во владеењето на правото, граѓанските права, реформите во цивилната администрација, борбата против организираниот криминал и корупцијата“, додаде Радев.
Како што истакна бугарскиот претседател, процесот на преговори е сложен и долг, додавајќи дека Бугарија е подготвена да ја нуди својата помош.
Зборувајќи за Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија, Радев рече дека овој закон дава можност бугарското малцинство да биде слободно да ги остварува своите права во Албанија.
Зборувајќи за економската соработка меѓу двете земји, Радев рече: „Ги разгледавме перспективите за економски развој и може да направиме повеќе. Овој процес треба да се стимулира. Разговаравме и за можностите за обновување на авионската линија Тирана - Софија и поморската соработка преку пристаништата. Изразувам солидарност за последиците од разорниот земјотрес.“
Бугарскиот претседател се сретна и со претседателот на Парламентот на Албанија, Грамоз Ручи, како и со други албански претставници.