Admir Fazlagic
16 Април 2017•Ажурирај: 17 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Државјаните на Турција во Македонија и Косово гласајќи со „да", ги поддржаа уставните промени во рамките на референдумот за уставни промени во Турција, кои се однесуваат на воведување на претседателски систем на владеење, а гласовите на државјаните на Турција во Албанија покажаа дека повеќето од нив се определиле за опцијата „не", јавува Anadolu Agency (AA).
Според прелиминарните резултати од турската дијаспора, турските државјани во Македонија ги поддржаа уставните промени гласајќи со 618 (57,97%) за „да", а 448 (42,03%) од гласовите беа за опцијата „не". Резултатите од Косово покажуваат дека турските државјани кои гласале во оваа држава со 404 (57,14%) гласале за „да", додека 303 (42,86%), од нив гласале за „не". Резултатите од Албанија за референдумот покажуваат дека 153 (41,80% ) од гласачите заокружиле „да", а 213 (58,20%) заокружиле „не".
Инаку, турските граѓани го искористија своето право на глас на 9 април во Албанија и Косово, како и на 8 и 9 април во Македонија.
Државјаните на Турција кои живеат надвор од оваа држава, имаа можност да гласаат во 57 земји на вкупно 120 избирачки места, кои беа отворени во дипломатски и конзуларни претставништва и амбасади во земјите ширум светот од 27 март до 9 април.