Furkan Abdula
17 Јули 2021•Ажурирај: 18 Јули 2021
Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека вчера биле аплицирани над 10.000 вакцини против новиот вид коронавирус (Ковид-19) во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, додека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува.
„На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 453.773 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 6.076 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10.817 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 725.902 дози вакцини, а ревакцинирани се 272.129 граѓани. Со последните бројки 58 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 55% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 51 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 41 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се наведува во соопштението.
Се истакнува дека граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата, и дека процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба.
„Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје“, се вели во соопштението.
Министерството за здравство апелира до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање нагласувајќи дека е единствен начин да се успее во борбата против него.