Furkan Abdula
07 Август 2021•Ажурирај: 08 Август 2021
Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека вчера биле аплицирани над 13.000 вакцини против новиот вид коронавирус (Ковид-19) во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на ова Министерство се наведува дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.
„На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 533.386 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 4.990 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.137 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 958.742 дози вакцини, а ревакцинирани се 425.356 граѓани“, се истакнува во сооопштението.
„Со последните бројки 65 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 62 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 58 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 48 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се додава во ова соопштение.
Според соопштеното, граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата.
„Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата“, се вели во соопштението.
Министерството за здравство апелира до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, нагласувајќи дека тоа е единствен начин да се успее во борбата против коронавирусот.