Admir Fazlagic
05 Ноември 2020•Ажурирај: 06 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски, нареди на армијата дел од силите и средствата да ги ангажира како невооружени сили за извршување на задачи за поддршка на државните институции при справување со последиците од пандемијата на корона вирусот (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Со оваа наредба, којашто стапува веднаш на сила, дел од ресурсите и од средствата на Армијата ќе се ангажираат како невооружени сили на извршување на задачи за поддршка на институциите на државата при справување со последиците од пандемијата на Ковид-19", се вели во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски.
Согласно наредбата на претседателот Пендаровски, Генералштабот на Армијата ќе ангажира сили и средства за медицинска поддршка на работата на здравствените установи и центри на Министерството за здравство, транспорт на заштитни и медицински средства и опрема.
Армијата ќе помага и за обезбедување на магацински простор за складирање на заштитни и медицински средства и опрема, поставување на шатори и друг вид на сместувачки капацитети наменети за лекување на заболени лица, како и за дезинфекција на простории и површини.
„За спроведување на овие задачи, Генералштабот на Армијата е должен да ги подготви за ангажирање медицинските, силите за транспорт и силите за АБХО на Армијата", се наведува о соопштението.
Потсетуваме, во Република Северна Македонија во последните 24 часа регистрирани се рекордни 1.192 нови случаи на кооронавирусот (Ковид-19), што е рекордна бројка на регистрирани случаи на овој вирус во едно деноноќие.
Со ова, вкупната бројка на регистрирани случаи на Ковид-19 во земјата се искачи на 35.097. Од последиците на Ковид-19 починати се 22, а вкупната бројка на смртните случаи предизвикани од овој вирус изнесува 1.071. Бројот на активни случаи изнесува 12.002.