Furkan Abdula
26 Јули 2023•Ажурирај: 27 Јули 2023
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија упати апел за почитување на препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови што следуваат, пренесува Анадолу.
„Министерството за труд и социјална политика ги повикува работодавците, негувателите и воспитувачите во градинките, вработените во центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови што следуваат, во согласност со Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението“, се вели во соопштението на ова Министерство.
Во ова соопштение се нагласува дека продолжуваат да важат мерките и препораките за деновите: 26.7.2023 (среда) и 27.7.2023 (четврток).
Општи мерки што треба да се почитуваат се следниве:
„Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лицата на возраст над 60 години;
Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да им дадат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници;
Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.“
Истовремено, Министерството за труд и социјална политика апелира на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд.