Admir Fazlagic
18 Јуни 2016•Ажурирај: 19 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Од работни обврски и денеска да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, а работодавачите да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ова се препораките од Министерството за здравство на Република Македонија (МЗ) по најавите од Управата за хидрометеоролошки работи дека во текот на овие денови територијата на целата држава ќе биде зафатена со температури од портокалова фаза.
Министерството за здравство препорачува и да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
„Потсетуваме дека е потребно граѓаните од целата држава да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната редовно земање на терапијата кај хронично болните лица", наведува Министерството.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделскоградинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, како и термичка употреба на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката.
Се препорачува да се избегнува онсумирање производи кои не се термички обработени, како мајонези од домашни јајца а внимателно да се консумираат сладоледи и разни кремови.