Ekipa
11 Март 2019•Ажурирај: 12 Март 2019
САРАЕВО (АА) - Екипите на Anadolu Agency (AA) во изминатите седум години од постоењето на сервисот на босански, хрватски и српски јазик (БХС), од терен ги следеа сите важни случувања како во Босна и Херцеговина, така и во регионот, почнувајќи од Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија.
Основан на 11 март 2012 година во рамките на Регионалната дирекција за Балканот во Сараево, сервисот на Anadolu Agency (AA) на босански, српски и хрватски јазик беше исчекор на оваа медиумска куќа со вековна традиција, по што следуваше започнување со работа на сервисите на повеќе јазици, чиј број денес достигнува 13.
Сервисот на АА на босански, српски и хрватски јазик (БХС) во последните години е глобален медиумски партнер на најголемите регионални случувања од повеќе области, вклучувајќи ја и инвестициската конференција Сараево бизнис-форумот од областа на економијата, како и претходните медиумски спонзорства на Сараевскиот филмски фестивал, Фестивалот за документарен филм на Ал Џезира, Сараево халал-форумот, како и спонзорството на истакнати спортски колективи.
Покрај сервисот на турски јазик, во рамките на глобалната мрежа на АА делуваат и сервисите на англиски, арапски, руски, БХС-јазиците, македонски, албански, персиски, два дијалекта на курдскиот, потоа на шпански, индонезиски и на француски јазик.
Основана на 6 април далечната 1920 година со одлука на Мустафа Кемал Ататурк во период на ослободителната војна и основањето на Република Турција, Anadolu Agency (AA) имаше историски важна улога во Турција бидејќи го пренесуваше гласот на борбата на турскиот народ за независност.
Во текот на изминатите девет и пол децении АА не ослабна во маратонската трка на глобалниот агенциски и новинарски полигон.
Со имплементација на јасната визија за работа и развој, и почитувајќи ги принципите на веродостојно, непристрасно, морално и брзо известување, АА со сигурни чекори се движи кон јубилејот 100 години постоење, со што може да се пофалат ретки институции.