Скопје: Комеморација по повод 15 Јули, Денот на демократијата и националното единство во Турција
- Програмата започна со едноминутно молчење и интонирање на турската национална химна. Потоа беше прикажано видео за случувањата од ноќта на 15 јули 2016 година.
Dzihat Aliju
15 Јули 2026•Ажурирано: 15 Јули 2026
photo: Umeys Sulejman / AA
СКОПЈЕ
Во Скопје беше организирана комеморативна церемонија на тема „Името на победата е Турција“ по повод 15 Јули, Денот на демократијата и националното единство, јавува Анадолу.
На церемонијата, организирана во резиденцијата на Амбасадата на Турција, чиј домаќин беше амбасадорот на Турција во Скопје, Фатих Улусој, присуствуваа претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, поглаварот на Исламската верска заедница на Северна Македонија, Шаќир Фетаху, министри, градоначалници, пратеници од Северна Македонија, претставници на политичките партии на различните етнички заедници во земјата, претставници на турските и локалните институции и организации во земјата, како и бројни гости.
Програмата започна со едноминутно молчење и интонирање на турската национална химна. Потоа беше прикажано видео за случувањата од ноќта на 15 јули 2016 година.
Амбасадорот Улусој во своето обраќање истакна дека „случувањата од ноќта на 15 јули не беа само обид за државен удар, туку крвав терористички чин насочен кон уривање на уставниот поредок, претседателот Реџеп Таип Ердоган и легитимната влада“.
Фотографија : Umeys Sulejman/AA
Посочувајќи дека обидот за државен удар на терористичката организација ФЕТО на 15 јули беше спречен благодарение на лидерството на претседателот Ердоган и решителниот став на турскиот народ, Улусој рече: „Како резултат на сеопфатната борба што од 2016 година ја водат нашите демократски институции и безбедносни сили, просторот за дејствување на ФЕТО во земјата е целосно елиминиран.“
Улусој посочи дека ФЕТО се обидува да најде простор за дејствување во различни географски подрачја, криејќи се зад активности како образованието, трговијата, хуманитарната помош и медиумите, злоупотребувајќи ги верските и хуманите чувства, како и универзалните вредности.
Нагласувајќи дека значителен дел од структурите на ФЕТО во пријателските и сојузничките земји се неутрализирани благодарение на меѓународната соработка што ја води турската држава, Улусој подвлече дека Турција ќе продолжи решително да се бори против сите терористички организации, вклучително и ФЕТО, како во земјата така и на меѓународен план, во рамките на меѓународното право.
Улусој изрази жалење што ФЕТО сè уште го продолжува своето присуство во Северна Македонија и под превезот на образовна институција го злоупотребува и името на еден од најзначајните поети на турската книжевност, Јахја Кемал. „На нашите соговорници во Северна Македонија им ги даваме сите потребни информации за овие прашања и се надеваме дека нашата соработка ќе даде конкретни резултати. Ноќта на 15 јули бевме сведоци дека нашите браќа во оваа пријателска и братска земја застанаа покрај турскиот народ и беа подготвени да ја дадат сета потребна поддршка“, рече тој.
Улусој истакна дека турските државјани во странство имаат голема одговорност во подигнувањето на свеста за вистинското лице на ФЕТО, додавајќи: „Кажете му на секој дел од општеството во Северна Македонија за вистинското лице на оваа терористичка организација. Информирајте ги сите наши пријатели за нејзините предавнички намери.“
Во рамки на комеморативната церемонија беа изложени фотографии на АА кои ги прикажуваат случувањата од 15 јули.
Воедно, по акшам-намазот, во Мурат-пашината џамија во Старата скопска чаршија беше проучен Мевлуд за душите на шехидите од 15 јули.
Скопје: Комеморација по повод 15 Јули, Денот на демократијата и националното единство во Турција