Furkan Abdula
23 Јуни 2017•Ажурирај: 24 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, Црвенот крст на Град Скопје, во соработка со трговскиот центар „Сити мол“ организираше активност за поддршка на децата со посебни потреби и за децата од социјално ранливи семејства, како и семејства во ризик, на кои им беа дадени подароци, јавува Anadolu Agency (AA).
Александра Валкановска од Црвениот крст на Град Скопје, истакна дека со здружението „Шпреса – Скопје“ и со Фондацијата „Албиз“ оствариле соработка за да ги добијат листите и податоците за децата кои се членови на ова здружение и на фондацијата, и да остварат контакт со нив.
„Во изминатиот период, тука, во трговскиот центар Сити мол беше поставено ова дрво, би го нарекле, односно еден убав цвет којшто е зад мене, и на него беа закачени желбите што децата ги посакаа во пресрет на празникот“, вели Валкановска, информирајќи дека за оваа акција придонес дадоа сите хумани граѓани и големите компании
Валкановска информираше дека денес, на овој настан што се одржа во една игротека во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје беа присутни над 40 деца, на коишто желбите им се исполнети. Децата, рече таа, дојдоа само да ги подигнат своите подароци, да се израдуваат и да се дружат со волонтерите на Црвениот крст.
„Станува збор за најразлични желби, почнувајќи од велосипеди, таблети, преносни уреди, потоа облека, многу играчки, односно сето она што едно дете би го посакало за себе во пререт на празникот“, нагласи Валкановска.
Исто така, таа рече дека ова е прва акција по повод празникот Рамазан Бајрам. Валкановска додаде дека Црвениот крст организира и други активности по повод Нова година, како и за празникот Велигден.
„Зборуваме за едно културно, мултикултурно општество, мешано општество каде што треба да сме хумани, солидарни и да си помагаме едни на други“, порача претставничката на Црвениот крст на Град Скопје.
Таа упати благодарност до сите што дале придонес за реализирање на оваа акција.